Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (24)
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
Во Македонија деновиве никој не го критикува спроведувањето на организираната сезонска масовна дератизација и дезинсекција. Никој не организира протести за стаорците. Никој не бара засолништа за нив. Никој не отвора фондови за нивна заштита. Ниту едно копче од избледените тастатури не е стиснато на Фејсбук за оваа тема. Во Македонија никој не реагира ниту кога поради опасност од заразни болести се усмртуваат илјадници здрави свињи, кокошки или овци во погодени подрачја. Нема масовни маршеви, нема петиции, нема јавна хистерија. Истото важи и за секојдневното функционирање на кланиците. Секоја година милијарди животни низ светот завршуваат во синџирот на производство на храна и тоа го сметаме за нормален дел од современиот живот.
Но доволно е едно видео од бездомно куче за да се излегува пред судови, да се бркаат осомничени по паркови, да се почне со закани, хајки и повици за линчување.
Тука не зборуваме за биологија. Зборуваме за психологија, социологија и за една непријатна општествена вистина – повеќето луѓе не ги сакаат сите животни еднакво иако се декларираат како „љубители на животни“… без да прецизираат на кои видови мислат точно. Тие имаат свои омилени животни, а токму тие омилени видови ја добиваат целата нивна емпатија. Од биолошка гледна точка, стаорците, гулабите, бездомните кучиња, бездомните мачки, враните, чакалите и многу други видови се дел од синантропните екосистеми и живеат од нашиот расфрлан и достапен отпад во населените места и на македонските хаотични депонии, кои се нивен главен извор на храна и простор.
Но во нашите глави тие не се еднакви.
Во конзервациската биологија постои добро познат поим – харизматична фауна. Луѓето многу полесно сочувствуваат со куче, мачка, коњ, делфин или со слон отколку со стаорец, лилјак, врана, чакал или со змија. Причината нема врска со моралот. Има врска со нашите емоции. Големите очи, препознатливите изрази на лицето и способноста за интеракција создаваат чувство на блискост. Науката одамна го има опишано овој феномен. Истражувањата на Стивен Келерт покажуваат дека луѓето систематски фаворизираат животни што ги сметаат за убави, блиски или корисни, а покажуваат значително помала емпатија кон видовите што ги доживуваат како одбивни или опасни. Слично, студијата на Гунторсдотир од 2001 година покажа дека поддршката за заштита на животните многу повеќе зависи од нивниот јавен имиџ отколку од нивната еколошка важност или способност за страдање.
Но нашите симпатии не ги создава само природата. Ги создава и културата. Од најрана возраст цртаните филмови, бајките и детските книги нѐ учат кои животни се добри, а кои се лоши. Волкот со генерации е претставуван како негативец. Хиената како подмолен и злобен лик. Чакалот како измамник. Враната како мрачна и злокобна птица. Од другата страна се срната, зајакот, кучето или лавот како симболи на добрина, храброст и благородност. Уште поинтересно е што ликовите што треба да ги сакаме речиси секогаш имаат големи очи, заоблени лица и детски пропорции. Тоа се таканаречени неотенични карактеристики, кои денешните домашни миленици ги добиле со вештачка селекција (француски булдог, мопс, шкотска фолд мачка… примери за екстремно интензивна и болна неотенична селекција). Австрискиот етолог Конрад Лоренц уште во 1943 година го опиша феноменот „киндченшема“ или „бебешка шема“, покажувајќи дека луѓето инстинктивно реагираат со грижа и емпатија кон лица со големи очи, заоблени форми и карактеристики типични за младенчиња. Подоцнежни истражувања, меѓу кои и студијата на Глокер и соработниците објавена во „Просидинг оф нешнал академи оф сајенс“ во 2009 година, покажаа дека ваквите карактеристики активираат делови од мозокот поврзани со грижа, заштита и со позитивни емоции. Затоа добрите ликови во цртаните филмови имаат големи, топли и невини очи, додека негативците имаат потесни погледи, поостри црти и лукав израз. Со години ја учиме оваа лекција без воопшто да бидеме свесни за тоа. На крајот не само што ги оценуваме измислените ликови туку ги пренесуваме истите предрасуди и врз вистинските животни.
Така се создава една неформална хиерархија на животните. На врвот се домашните миленици. Под нив се харизматичните диви видови. Потоа следуваат земјоделските животни. На самото дно се животните што сме ги означиле како штетници. Оваа хиерархија не постои во природата. Таа постои само во нашите глави. Истото општество што ќе бара итно намалување на популацијата на диви свињи поради опасност од африканска свинска чума нема проблем со ловот како алатка за регулација на популации. Во Европа, Австралија и во Северна Америка со децении се применуваат различни мерки за контрола на бројноста на диви свињи, елени, којоти, кенгури и на други видови кога нивната бројност создава економски, здравствени или еколошки последици. Но кога темата ќе стигне до бездомните кучиња, научниот речник одеднаш исчезнува. Популациската биологија, екологијата и управувањето со животински популации се заменуваат со емоции.
Тука се открива вистинската дволичност. Ако навистина веруваме дека секој живот е еднакво вреден, тогаш треба со ист жар да се бориме и за здравите свињи што се усмртуваат поради епидемии, за екстремно тешките животни услови на кокошките и за животните во кланиците воопшто, како и за стаорците, и за враните, и за чакалите.
Но во Македонија никогаш не се случува тоа. Уште една иронија е што многу од животните што денес ги сметаме за „лоши“ имаат важна улога во екосистемите. Враните отстрануваат органски отпад, лилјаците контролираат голем број инсекти, а чакалите и другите мршојадци помагаат во отстранување на пцовисаните животни. Историјата покажува дека кога човекот ќе одлучи да прогласи еден вид за непожелен и масовно да го елиминира без да ги разбере неговите еколошки функции, последиците често создаваат нови проблеми. Токму затоа науката бара да ги разбереме сите видови, а не само оние што ни се симпатични.
Наместо тоа, голем дел од самопрогласените заштитници на животни развиваат исклучително силна емпатија кон еден избран вид: кучињата на улица, додека смртта на милиони други животни останува целосно невидлива. Јавните дебати за животните во Македонија целосно се сведуваат на синантропните слободноживеачки кучиња, кои имаат ограничена улога во екосистемот, додека за сите други видови владее молк. Штама! Тоа не е љубов кон животните. Тоа е љубов кон омилените животни. Вистинскиот проблем не е што луѓето повеќе сакаат кучиња отколку стаорци. Тоа донекаде е природно и разбирливо. Проблемот е кога тие лични чувства се претставуваат како универзални морални принципи и кога истите луѓе одбиваат да признаат дека нивната емпатија е селективна. Можеби затоа најважното прашање не е како се однесуваме кон кучињата, стаорците или кон чакалите. Најважното прашање е дали сме доволно искрени да признаеме дека нашата грижа за животните често завршува таму каде што завршуваат нашите симпатии. А токму таа селективна емпатија, а не науката, денес е една од најсилните сили што ги обликува јавните дебати за животните во Македонија.
Илија Петковски


































