МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО
- Прашањето со кое се соочуваат македонските институции и креатори на политики е следново: дали поседуваме капацитет, знаење и визија да креираме промоција што ќе предизвика вистинска емоција, ќе ја инспирира имагинацијата на потенцијалните туристи и ќе воспостави релација со нив уште пред тие воопшто да го почнат своето патување? Клучниот предизвик не е само да се привлечат посетители туку да се изгради стратешка приказна што ќе ги заштити националните црвени линии, истовремено одговарајќи на високите очекувања на современите патници од целиот свет
Стратешка визија за развој на туристичкиот сектор на Република Македонија: трансформација на националниот бренд преку одржлив менаџмент, автентичен наратив и институционална транспарентност.
Развојот на туристичкиот сектор на една држава во современиот глобализиран свет претставува комплексен процес, кој далеку ги надминува рамките на изолиран економски потфат. За мали држави, каде што човечките, материјалните и финансиските ресурси се објективно ограничени, а глобалната видливост и геополитичките предизвици наметнуваат константна потреба за докажување на сопствениот легитимитет, туризмот се етаблира како примарен инструмент за национално брендирање. Тој не е само гранка што генерира девизен прилив туку и фундаментален столб за зачувување, промоција и за афирмација на националниот, културниот и историскиот идентитет. Во случајот на Република Македонија, стратешкиот пристап кон туризмот е пожелно итно да се редефинира, бидејќи државата се наоѓа на крстопат меѓу пасивното набљудување на глобалните туристички трендови и итната потреба за активна, агресивна и паметна промоција на своите автентични вредности. Досегашните практики покажаа дека традиционалните форми на рекламирање и повремените, ад-хок кампањи не даваат долгорочни резултати. Наместо тоа, најефективните алатки за структурна трансформација на овој сектор лежат во системското управување со туристичкиот потенцијал, поддржано со стратешко искористување на независното новинарство и креирање супериорни медиумски наративи. Клучниот предизвик не е само да се привлечат посетители туку да се изгради стратешка приказна што ќе ги заштити националните црвени линии, истовремено одговарајќи на високите очекувања на современите патници од целиот свет.
Современиот туризам веќе не се потпира на конвенционалното разгледување знаменитости. Патниците од 21 век, мотивирани од желбата за когнитивно и емоционално збогатување, не бараат само пасивни описи на географски локалитети; тие бараат автентични искуства, длабока културна интеракција и емоционална поврзаност со локалната заедница. Тука доаѓа до израз моќта на стратешкиот наратив. Прашањето со кое се соочуваат македонските институции и креатори на политики е следново: дали поседуваме капацитет, знаење и визија да креираме промоција што ќе предизвика вистинска емоција, ќе ја инспирира имагинацијата на потенцијалните туристи и ќе воспостави релација со нив уште пред тие воопшто да го отпочнат своето патување? Алтернативата на овој пристап е статус кво состојба што води кон целосен идентитетски и институционален дефетизам. Доколку не се преземат итни мерки, Македонија ризикува да остане перципирана како хаотична недефинирана територија („северна за сите луѓе“), дестинација каде што странските гости се соочуваат со конфузија околу идентитетот на народот, каде што културните знаменитости се запуштени, а природните реткости се жртва на еколошка негрижа. Нејасната и компромитирачка промоција на сопствениот бренд директно придонесува за создавање перцепција за земја со „измислен“ или девалвиран идентитет. Затоа, првиот суштински чекор мора да биде формирање независен, високопрофесионален експертски тим што ќе изврши длабинска ревизија на сите досегашни менаџерски и маркетиншки стратегии и ќе ги постави темелите на нов, достоинствен и економски оправдан национален наратив. Мора да се премине од описни обиди за маркетинг кон искуствен и емотивен маркетинг, кој е во апсолутен склад со реалните можности и автентичноста на теренот. Во досегашната практика, државните органи и институциите задолжени за туризам најчесто ја информираат јавноста преку суви, еднодимензионални статистички извештаи. Соопштенијата во кои се потенцира процентуалното зголемување на бројот на туристи или реализираните ноќевања се сериозно дефицитарни. Тие не ја рефлектираат вистинската економска состојба, ниту пак ги детектираат структурните аномалии на секторот.
За да се воспостави сериозен систем на управување, овие квантитативни податоци задолжително мора да бидат дополнети и вкрстени со низа други специфични индикатори. Клучните матрици за мерење на успехот на туристичката стратегија треба да бидат подложени на длабока анализа, затоа што без детална аналитика, растот на бројот на ноќевања може да биде само привремен резултат на екстерни фактори, а не производ на системска државна стратегија. Инвестициите треба прецизно да се насочат кон оние региони каде што сместувачките капацитети воопшто не постојат или се на критично ниско ниво, со цел да се постигне рамномерен регионален развој. Поголемиот дел од територијата на Република Македонија, според дефиницијата и демографските карактеристики, припаѓа на категоријата „рурални средини“ (населени места со помалку од 30.000 жители). Токму овие средини го поседуваат најголемиот потенцијал за развој на алтернативни форми на туризам – како што се еколошкиот, руралниот, манастирскиот и гастрономскиот туризам. Меѓутоа, на терен е евидентно отсуството на каква било кохезија и координација помеѓу клучните институции. Овој институционален вакуум резултира со целосна неорганизираност. Додека подолг период се најавуваше формирање нов совет за туризам и изработка на нова национална стратегија, секторот е оставен на стихиен развој, па дури и е загрижувачки што кај политичките чинители не се забележуваат јасни, конкретни и применливи програми за локален менаџмент и маркетинг на туризмот. Националната стратегија не само што доцни – таа во реалноста не постои како активен обврзувачки документ. Затоа постои оправдан ризик дека по завршувањето на летната сезона, наместо радикални резови и имплементација на меритократски принципи во управувањето, администрацијата повторно ќе прибегне кон веќе видени решенија. Доколку кадровското пополнување на најавените тела и совети пак се сведува на партиски пазарења, непотизам и „пресоблекување политички дресови“, крајниот исход „како и до сега“ ќе биде генерирање виртуелна активност на социјалните мрежи. Фотографирањето работни состаноци, протоколарните средби и секојдневното дигитално спинување под изговор дека се преземаат реформски чекори, во суштина претставуваат трошење на државните ресурси без никаков ефект на светскиот туристички пазар.
Еден од најчесто занемарените аспекти во академските и политичките дебати за туризмот е нераскинливата врска помеѓу медиумскиот амбиент во една земја и нејзиниот туристички и економски раст. Емпириските истражувања и меѓународните компаративни анализи јасно докажуваат дека нецензурираната, објективна и слободна медиумска средина дејствува како моќен катализатор за развој на туризмот и за намалување на економската нееднаквост. Оваа каузалност произлегува од фактот што слободата на говорот и отсуството на политичка пристрасност во медиумите се примарни индикатори за високо ниво на институционална зрелост, владеење на правото и транспарентност. За меѓународните туроператори, странските инвеститори, но и самите туристи, државите што гарантираат слободно известување се сметаат за безбедни, предвидливи и атрактивни дестинации. Кога независните новинари, странските репортери и професионалните туристички водичи имаат слобода да ја истражуваат земјата и да ја раскажуваат македонската приказна без притисоци или владина цензура, нивните извештаи во меѓународната јавност се перципираат како автентични и веродостојни. Ниту една скапа државно финансирана промотивна кампања не може да го замени ефектот на објективниот и позитивен независен наратив. Спротивно на ова, авторитарниот пристап, медиумската контрола и системската корупција имаат деструктивно влијание. Тие создаваат перцепција за земја од третиот свет, дестинација со висок ризик, неорганизирана инфраструктура и несигурен правен поредок. Затоа, Република Македонија мора да сфати дека медиумската промоција на нејзините вредности не треба да биде насочена исклучиво кон надворешноста. Таа мора да биде едукативна и мобилизирачка и за домашното население, со цел да се подигне свеста за значењето на туризмот и да се стимулираат како домашните, така и странските директни инвестиции. Државниот маркетинг, кој е во директна контрадикција со реалната состојба на теренот (загаденост, лоша инфраструктура, лош сервис), брзо се демаскира и предизвикува долгорочна штета на националниот бренд.
Стратешкиот развој на туризмот во руралните и неразвиените региони има уште една, можеби најважна социјална димензија: ублажување на демографската катастрофа со која се соочува државата. Масовното иселување на младото и продуктивно население е директна последица на недостигот од економски можности и нискиот животен стандард во внатрешноста на земјата. Со планско мапирање на регионите и детерминирање на нивните специфични туристички потенцијали, државата може да дејствува интервентно, па доколку финансиските средства за субвенционирање, поволните кредитни линии и фондовите се насочат организирано кон локалното население, би имало можност да се создаде нова економска вредност. За таа цел, треба да се елиминира она што наликува на „вирус во системот“ – неефикасноста, нерационалното трошење на буџетските средства, и е потребно радикално реструктурирање. Република Македонија повеќе нема луксуз да го третира туризмот како маргинална стопанска гранка или како терен за политички популизам и социјално згрижување на некомпетентни кадри. Времето на стихијно управување и потпирање исклучиво на природните поволности е поминато. Пазарот бара итно, решително и стратешко позиционирање. Преминот од застарените, бирократски модели на раководење кон модерен, транспарентен и економски оправдан менаџмент е прашање на национален интерес. Доколку се спроведат предложените структурни реформи, доколку се започне со чистење на „вирусот во системот“ и се изгради автентичен, достоинствен наратив што го почитува и го промовира македонскиот идентитет, туризмот со сигурност ќе прерасне во најстабилниот деловен столб на домашната економија. Тој има капацитет да биде врвна алатка на културната дипломатија, која на светот ќе му ја претстави вистинската, древна и гостопримлива Македонија – држава со јасна визија за сопствената иднина…
Четири моќни тврдини: Од Скопје кон Западна Македонија
Почитувани читатели на „Нова Македонија“, од минатата сабота во фељтонот „Мистична Македонија“ почнавме да објавуваме по еден предлог за патување низ Македонија – итинерар. Наша цел е директно да ви понудиме готови планови за патување, читајте нè секоја сабота и искористете ги овие предлози за да го испланирате вашето следно патување низ прекрасната Македонија.
Патеката на тврдините во Западна Македонија претставува одлична можност да излезете од секојдневието и директно да се запознаете со стратешкото и военото минато на нашата земја. Изборот на локации овозможува квалитетно исполнето време и одлично викенд-искуство. Во текот на еден викенд имате сосема доволно време за да посетите четири града во кои ќе можете да застанете на огромните стари тврдини и да уживате во прекрасните пејзажи.
Четирите тврдини што ви ги предлагаме: Скопско Кале – Тетовско Кале (Балтепе) – Кичевско Кале (Китино Кале) – Охридска тврдина (Самуилова тврдина). За сите веќе имаме споменато во претходни продолженија на „Мистична Македонија“, кои се достапни во големата архива на нашата веб-страница. Следната сабота следуваат предлози за посети на многу стари локалитети, по што ќе ви посочиме и неколку стари манастири, читајте нè!
М-р Никола Ристевски
(продолжува)


































