Коралниот екосистем во Египет успева да избегне „белење“ предизвикано од зголемените температури на водата, поради многу стар феномен на природна селекција. Во водите на брегот на градот Марса Алам, кој се протега на речиси 250 километри на југоисток од земјата, калеидоскопскиот екосистем е преполн со живот.

Меѓу 2009 и 2018 г. изумреле 14 проценти од коралите

Коралот се состои од полипи, мали морски безрбетници што живеат во симбиоза со алгите, зооксантели, кои му обезбедуваат храна на полипот преку фотосинтеза. Премногу високата температура на водата доведува до раздвојување на коралите и алгите, а во отсуство на алги, кои им даваат боја, коралите избледуваат.
Експертите од Меѓувладиниот панел за климатски промени проценуваат дека во светот потопол за два степена ќе умрат од 90 до 95 отсто од коралните гребени, кои се дом на 33 отсто од морските видови и обезбедуваат егзистенција за половина милијарда луѓе во светот.
Меѓу 2009 и 2018 година изумреле 14 проценти од коралите на планетата. Додека Црвено Море постепено се загрева кон Аденскиот Залив и неговите води генерално се загреваат со повисока стапка (0,5 степени Целзиусови по деценија) од глобалниот тренд (околу 0,3 степени Целзиусови), екосистемот на ова море со неговите 4.500 километри на крајбрежјето е отпорен на белење. Феноменот е поврзан со форма на природна термичка селекција што датира од последниот глацијален максимум, пред околу 20.000 години.

Најотпорните родови на корали

Ледените покривки се згустија, нивото на морето опадна, плиткиот теснец Баб ел Мандеб, на влезот во Аденскиот Залив, го изолира Црвено Море од Индиски Океан, претворајќи го во езеро.
– Пред околу 8.000 години нивото на морето се подигна, водата повторно можеше да го помине теснецот. Поради малата длабочина, водата била многу топла, помеѓу 33 и 34 степени Целзиусови. Само коралните ларви отпорни на оваа висока температура можеа да го поминат овој теснец, кој дејствуваше како бариера – објасни Маоз Фајн, израелски истражувач од Институтот за морски науки во Ејлат.
Денес, во северниот дел на Црвено Море, максималната летна температура на водата е 27,2 степени Целзиусови, така што овие видови живеат далеку под својот физиолошки максимум.
– За време на лабораториските симулации на најотпорните родови како што се Порити или Стилофора, дури гледаме дека дури и на 32 степена Целзиусови нивниот метаболизам функционира подобро – истакна Фајн.