Работилница инспирирана од книгата „Разбуди го родителот во себе“
Како да зборувате за вашето дете да ве слуша, како да ја поттикнете неговата самодоверба, како да се поврзете со него пред да го коригирате… се само дел од темите што ќе бидат опфатени на работилницата за родители инспирирана од книгата „Разбуди го родителот во себе“, која ќе ја води авторката Соња Китановска-Кимовска во Битола.
На настанот, кој ќе се одржи на 6 ноември (среда), во 18.30 часот, во домот „Софија“, во Битола, покрај мини-работилницата, ќе се одржи и промоција на книгата во издание на „Арс ламина – публикации“. Кон книгата ќе се осврнат Олга Мурџева-Шкариќ и Сашо Кочанковски, а во улога на модераторка ќе биде Софија Ристевска-Петрушева.
Соња Китановска-Кимовска е преведувачка, универзитетска професорка, активистка и едукаторка за родители, и наедно е мајка на малолетни деца. Вели дека идејата за „Разбуди го родителот во себе“ настанала откако се соочила со проблеми и дилеми за кои не била лично подготвена и почнала да бара помош во книгите за самопомош на родители.
– Книгата обработува теми и прашања од областа на детската психологија, родителството и воспитувањето деца. Тие се нераздвоен дел од секојдневниот живот во семејството и навлегуваат во суштината на односот меѓу родителите и децата. Научните сознанија и докажаните практики извлечени од референтна научна и стручна литература во книгата се претставени преку личното родителско искуство на авторката. Ова е прва книга од ваков вид напишана на македонски јазик и од македонска авторка. Книгата е поделена на два дела. Во првиот дел се обработени емоциите, а вториот дел е посветен на воспитувањето на децата – вели издавачот.
Книгата изобилува со применливи техники и активности што им овозможуваат на родителите непосредна позитивна интеракција и комуникација со децата и нивно мотивирање за позитивни промени… Книгата плени со искреност, едноставност, непосредност, но и научна издржаност и мудрост. Почнува како автобиографски роман, со што авторката ве вовлекува во својот интимен, домашен свет за да ги сподели сопствените размислувања, дилеми, подеми и падови, лекции научени на сопствената кожа. Книгата изобилува со практични знаења и вештини, кои не само што се научно засновани туку и произлегуваат од личното искуство на авторката. Како совети од прва рака, добиваат непроценливо значење за проактивниот читател. Импресионира со способноста да му се доближи на читателот непосредно, на јазикот разбирлив за него.
Целта на книгата е да им послужи на родителите како дневен прирачник, што ќе ги поттикне да си ја преиспитаат сопствената родителска улога и да им помогне во комуникацијата со детето. Конципирана е во форма на прашања и одговори, за да може читателот полесно да се снајде и брзо да го најде тоа што му е потребно.
Соња Китановска-Кимовска има завршено магистерски студии по англиски јазик и применета лингвистика на Универзитетот „Кембриџ“, Обединето Кралство, а докторирала во областа на преведувањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.