Германскиот дебитантски филм „Елаха“ на режисерката Милена Абојан на 10 октомври имаше премиера во киното „Милениум“ и во Кинотеката во Скопје. По премиерата во Скопје, филмот ќе биде прикажан во повеќе градови низ земјава.
„Елаха“ е моќна и емотивна приказна што обработува длабоки и актуелни теми и поставува важни прашања за идентитетот и правото на жените да управуваат со своите тела и живот. Ова е прв долгометражен филм на режисерката, кој веќе доби значајно признание на меѓународните фестивали, вклучувајќи го и „Берлинале 2023“. Покрај тоа што ја претставува Милена Абојан како нов глас во светот на филмот, „Елаха“ добива внимание од меѓународната критика поради својата извонредна уметничка вредност и впечатливиот наратив.
Во фокусот на филмот е 22-годишната Елаха, која се соочува со притисокот на традицијата и општествените очекувања во врска со нејзината девственост пред свадбата. Во обид да најде решение, му се обраќа на пластичен хирург, но високите трошоци ја спречуваат да направи операција. Додека бара поевтина алтернатива, открива капсула со вештачка крв, која ѝ изгледа како решение. Но она што на почетокот изгледа како спас, на крајот ја води во опасен пат на самопонижување и експлоатација.
Дистрибутер на филмот е „Катавеј“ од Скопје.