Островот Форментера можеби е најдобро чуваната тајна на Медитеранот, а имајќи превид дека туризмот полека заздравува, треба да се запише на листата на дестинации што задолжително треба да ги посетите. Форментера е најмалиот и најјужен остров на Балеарскиот архипелаг во Шпанија, каде што се мешаат и комбинираат најневеројатни поими: дивата природа, балеарскиот гламур и хипи-атмосферата. Форментера е оддалечена само 35 минути возење со траект од хедонистичката Ибица, меѓутоа таму владеат многу поинакви правила од оние во познатото собиралиште на младите од целиот свет.
Мирната атмосфера на овој мал остров е доста цврсто вкоренета и е составен дел на секојдневието, благодарение на хипиците што тука летувале уште во 1960-тите години. Инаку, островот е долг 20, а широк 8 километри и лесно може да се помине со скутер или со велосипед. Со нив можете да стигнете до скриените плажи, кои се главните адути. Островот е соодветен и за индивидуални и за семејни одмори, бидејќи водата е плитка, како создадена за детски игри на плажа. Освен капењето во кристалното тиркизно море, тука можете да уживате во сите водни спортови и активности. И секако, сѐ со мерка, полека, бидејќи овде брзањето и нервозата се исклучени. Со еден збор, Форментера е идеална постпандемиска дестинација што мора да се запознае.