Краткиот филм „Сам си го барал“, во продукција на „Види вака“, кој својата премиера ја имаше на социјалните мрежи, е силна порака за опасноста од оправдување на насилството, која укажува на двојното виктимизирање на жртвата преку барање причини за самото насилство што не ја земаат во прв план злонамерноста на насилникот.
Во видеото е прикажана апсурдната ситуација во која се наоѓа маж жртва на насилство – во случајот разбојништво, соочен со типичните прашања и обвинувања со кои најчесто се соочуваат жените жртви на сексуално насилство, но и другите жртви на други типови насилство.

– Пораката што сакаме да ја испратиме е дека секој што ја обвинува жртвата и го релативизира насилството се става на страната на насилникот и помага насилството да остане непријавено од жртвата, неосудено од општеството и непроцесирано пред законот. На тој начин се гради култура на прифатливост и несанкционирање на насилството, што ги мотивира насилниците да продолжат со насилство, но и оние со насилни намери и пориви да тргнат по нивниот пат – изјави Мите Кузевски, извршен директор на „Види вака“.
Во видеото играат Сашко Коцев, Драгана Костадиновска и Слаѓана Вујошевиќ, режијата е на перспективниот млад режисер Ханис Багашов, директор на фотографија е Феjми Даут, кинематографот на „Медена земја“.
Од „Види вака“ најавуваат дека ќе продолжат да инвестираат во концептот на едукација низ забава, како еден од најефикасните методи на правење позитивни промени во општеството, и дека наскоро можеме да очекуваме прераснување на концептот започнат со ова видео во цел серијал, кој ќе опфаќа различни теми.