Фото: Пиксабеј

Данскиот метеоролошки институт соопшти дека ја регистрирал својата највисока температура откако почнале мерењата во 1874 година.

– Со 36,6 степени северно од Оденсе, го доживеавме најжешкиот ден некогаш забележан откако започнале мерењата во 1874 година –  објави метеоролошката служба во Икс.

Голем дел од Европа – од Франција до Полска, поминувајќи низ хрватското крајбрежје – е зафатен од топлотен бран, со температури што надминуваат 35 степени и ги оптоваруваат здравствените системи.

Додека топлотниот бран се движи кон североистокот на континентот, максимално црвено предупредување за опасно топло време е издадено и во Швајцарија, Германија, Австрија и Унгарија.

Според светските агенции, се очекува најмалку 193 милиони Европејци, вклучувајќи 75 милиони во Германија, да се изложени на температури од над 35 степени Целзиусови во одреден момент денеска, што е зголемување споредено со вчера.

_____________________________________________________________________

Во Германија и Италија денеска има високи температури, додека топлотниот бран поврзан со десетици смртни случаи во Западна Европа се шири кон исток по рекордните температури над 40 степени Целзиусови.

Во Велика Британија, Франција, Швајцарија и Германија има рекордно високи температур месецов, а временскиот систем би можел уште да тестира рекорди додека се движи низ Германија кон Полска. Според научниците, топлотниот бран би бил практично невозможен без климатските промени предизвикани од човекот, поради што ноќните температури оваа недела се многу повисоки отколку што би биле пред две децении.

Нов германски рекорд од 41,3 степени Целзиусови има во близина на градот Сарбрикен, во близина на француската граница, изјави портпаролот на Националната метеоролошка служба на Германија, истакнувајќи дека отчитувањето е сè уште прелиминарно.

Метеоролошката служба денеска издаде предупредувања за екстремни жештини во речиси цела Германија, а властите ги повикаа луѓето да штедат вода. Наведено е дека низ целата земја се очекуваат температури од 36 степени, со можни локални максимуми од 42 степени.

Во Франција, десетици луѓе, и млади и стари, починаа за време на топлотниот бран. Температурите над 40 степени го нарушија железничкиот сообраќај и производството на електрична енергија, доведоа до забрани за алкохол, прекин на наставата во училиштата и одложени настани на отворено.

Топлотниот бран го достигнува својот врв викендов, со температури над 40 степени во некои делови од Германија, изјави метеорологот Карстен Брант.

Министерството за здравство на Италија издаде црвено предупредување за топлотен бран викендов во 18 италијански градови, вклучувајќи ги Милано, Рим, Торино, Венеција, Џенова, Фиренца и Болоња, при што во некои области се очекуваат температури до 39 степени, пренесува МИА.