Свежите домати се омилени поради нивниот сочен и освежителен вкус, живописна црвена боја и карактеристична арома. Освен што се вкусни, тие се и исклучително здрави, богати со ликопен, антиоксидант што може да помогне во заштитата на телото од стрес и да го намали ризикот од одредени болести, како што се ракот и срцевите заболувања. Исто така тие се извор на витамин Ц, калиум и други хранливи материи што ги одржуваат здравјето на кожата, имунолошкиот систем и општата благосостојба на телото.
Повеќето луѓе претпочитаат да јадат свежо овошје и зеленчук, но, според еден лекар, некои намирници се подобри кога се конзервирани или замрзнати. Иако често се верува дека свежиот зеленчук е најздрав, британскиот епидемиолог Тим Спектор го тврди спротивното.
– Долго верував дека свежото е секогаш подобро, но тоа не е секогаш така. Замрзнувањето за зачувување на храната не само што е попрактично и поекономично туку во некои случаи може да биде и поздраво – вели Спектор.
Според него, една таква храна се доматите.
– Интересно е што конзервираните домати содржат повеќе ликопен од свежите домати – вели тој.
Анализата на неговото истражување, во кое беа опфатени повеќе од 260.000 испитаници, покажа дека „поголемата потрошувачка на домати е поврзана со намален ризик од рак на простата“, особено кога станува збор за „јадења приготвени од варени домати“. Според друга студија, пак, утврдено е дека високото количество или високите концентрации на ликопен ја зголемуваат заштитата од мозочен удар (за 26 проценти), од смртност (за 37 проценти) и од кардиоваскуларни болести (за 14 проценти).
– Очигледно е дека конзервираната и замрзната храна не е лош избор. На пример, замрзнатиот грашок може да задржи повеќе витамин Ц отколку свежиот – истакна епидемиологот.
Тој препорачува и консумација на замрзнат спанаќ бидејќи може да му помогне на телото подобро да го апсорбира железото во споредба со свежиот спанаќ.