Креативна идеја на матурантите од СОУ „Ристо Ристески-Ричко“ од Прилеп

Учениците од графичката струка при СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ од Прилеп под менторство на својот професор и класен раководител Александар Костадиноски, по осми пат ги претворија своите спомени, кои ги стекнаа преку знаењата и вештините во четиригодишното образование, во еден убав и необичен алманах.
– Станува збор за дело чии почетоци започнуваат уште од првите денови од доаѓањето во ова училиште и таа „еволуција“ се овековечува преку тајните што се изучуваат на фотографската секција. Дизајнот е плод на секцијата по графички дизајн во која идеите и фантазиите се преточуваат во дело наречено алманах – информира Костадиноски.
Костадиноски, всушност, секој час со учениците го почнува со некоја позната мисла или цитат, за која потоа барем петнаесетина минути разговараат. Прекрасен почеток на часот, кој ги мотивира да прават добри работи за себе и за другите. Така, секој воден од сопствениот карактер и стил на размислување изградува свој пристап кон светот во кој треба да заплови.
Оваа година завршните фотографии беа направени во „Авто и етномузејот Крклино“ од селото Крклино каде што учениците се дружеа, забавуваа, но и работеа на финалниот изглед на своето „дипломско дело“.