На годинашното 41. издание на „Малиот битолски Монмартр“ и јубилејната 40. светска детска ликовна изложба, која традиционално го носи името „Битола“, пристигнаа 80 млади ликовни творци од 14 држави во светот. Гран при од манифестацијата ѝ беше доделена на школата „Ателје Вејсел Адзар“ од Трабзон, Турција

По две години пауза поради пандемијата на ковид-19

Во Старата битолска чаршија, на Широк сокак, покрај реката Драгор, кај Градскиот часовник, „Магнолија“, тесните битолски сокаци, кај Безистенот…, деновиве по две години пауза поради пандемијата на ковид-19 битолчани повторно можеа во отвореното ликовно студио да следат како вештите раце на младите ликовни творци од 14 држави во светот ја сликаат старата битолска архитектура.
За многумина од нив ова беше прво запознавање со Битола, со нејзината прекрасна стара архитектура, која најгласно зборува за времето во кое е создавана, но голем број од учесниците одамна во градот под Пелистер се чувствуваат како да се дома.
Овој пат нив не ги пречека нивниот учител и идеен творец на „Малиот битолски Монмартр“ чичко Коста Хаџи Антоновски, кој не ја извојува битката со болеста и почина. Но останаа да живеат неговиот лик и дело и вечно младиот дух.
Ликот на чичко Коста го има(ше) насекаде: во галеријата на Детското ликовно студио, во Старата битолска чаршија, кај дуќанџиите, занаетчиите, часовничарите, леблебиџиите, на „Магнолија“, Широк сокак, Драгор. Чичко Коста почина, но остана да живее неговото огромно дело.

Учесници од 14 држави

За тоа најдобро зборува што на годинашното 41. издание на „Малиот битолски Монмартр“ и јубилејната 40. светска детска ликовна изложба, која традиционално го носи името „Битола“, пристигнаа 80 млади ликовни творци од 14 држави во светот, а на конкурсот за изложбата пристигнаа 22.500 поединечни детски цртежи, од над 40 држави во светот, од кои меѓународното жири избра 777 дела, кои ќе бидат поставени во детската галерија „Монмартр“ до 5 мај, идната година.
На отворањето на манифестацијата присуствуваа гости од 14 држави, како и претставници на дипломатскиот кор, советници од Советот на Општина Битола, граѓани и други гости. Меѓу осумдесетината учесници на ликовната колонија „Мал битолски Монмартр“ во Битола беше присутен и најмладиот учесник на колонијата, тримесечниот Леудрид Бејај, од Албанија, кој доби и маичка и рекламен материјал од фестивалот. Бебето допатува во Битола заедно со својата мајка Рузмира Бејај, инаку ликовен педагог од Тирана, Албанија.
– Само што се породив и допатував тука со моето бебе. Сакав да бидам и на манифестацијата, а и со него – рече Рузмира.
Меѓу гостите на 41. издание на ликовната колонија што вчера се отвори во Битола е и екипа од Володимир-Волински, Украина.

Гости од Украина

– Правете го тоа што го сакате и не грижете се што мислат другите за вас – порача ученичката Софија Сурмег, членка на тимот од Украина. Иако во нивната држава има војна, тричлена екипа одлучи да допатува во Македонија.
– Дојдов тука со мојата наставничка и со други ученици. Дојдовме да го споделиме нашето искуство во уметноста. Битола многу ни се допаѓа. Немавме проблеми при патувањето, со авион од Чешка пристигнавме во Австрија, а оттаму со друг авион дотука – рече Сурмег.
Во рамките на ликовната колонија, денеска, во соработка со Македонски пошти, ќе излезе и нова поштенска марка со култниот „Мал битолски Монмартр“. Иницијалите на светски признаениот ликовен педагог Коста Хаџи Антоновски, идеен творец на „Монмартр“, ќе станат составен дел од логото, амблемот, заштитниот знак и знамето на Детското ликовно студио.
За почетоците на „Малиот битолски Монмартр“ пред присутните говореше Елена Хаџиантоновска, ќерката на Коста Хаџи Антоновски, која достојно го замени својот татко и одлично ја организира(ше) манифестацијата.
– „Малиот битолски Монмартр“ е голема гордост на нашиот град, кој вреднувајќи ги детските таленти создава една посебна топлина во градот, но дава и мотив голем број деца активно да творат, да се надградуваат континуирано да напредуваат и да го развиваат својот талент. Се радувам што по две години ограничувања поради пандемијата повторно низ битолските улици голем број деца ќе ги користат богатите битолски приказни за инспирација во своето творештво. Тоа што на оваа манифестација годинава гостуваат 16 тима од 14 држави, а пристигнале пратки со ликовно творештво од над 40 држави, јасно говори за значењето на оваа манифестација за сите нас, а пред сѐ за Битола. Ова уште еднаш потврдува дека како локална самоуправа ставаме силен акцент на поддршката на културните манифестации во нашиот град, кои се надоврзуваат една на друга, придонесуваат за културно-уметничко раздвижување, афирмирање и меѓународна промоција – изјави на отворањето градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Инаку, гран при од манифестацијата ѝ беше доделена на школата „Ателје Вејсел Адзар“ од Трабзон, Турција, а наградата што го носи името „Професор д-р Богомил Карлаварис“ за животно достигнување годинава замина за Белград, Србија.