Пациото на битолскиот музеј беше местото што минатата недела се преоблече во светска џез-сцена како домаќин на концертот на Националниот џез-оркестар и Мартин Ѓаконовски-Шпато насловен „Писмо до Реј (Реј Браун)“. Битолската публика не ја криеше својата еуфорија, а неретки беа коментарите дека џезерите и Шпато за миг го оживеаја оној конзулски дух на градот, односно му дадоа рафиниран шмек, налик на Виена, Париз, Лондон. Ова концертно музичко патување, кое го пренесе сензибилитетот на светските џез-сцени во Битола, долго ќе се памети по исклучителната хармонија од звук, која успеаја да ја создадат солистите на НЏО со контрабасистот Шпато, под водство на маестро Џијан Емин.
Почеста на нашите џезери и Шпато кон еден од највиртуозните контрабасисти на сите времиња, Реј Браун, еден од најпопуларните и најплодни музичари чија умешност и богат звук го сместуваат на врвот на листата највлијателни џез-музичари, повеќе од половина век, се покажа како полн погодок. Всушност, овој концерт ги нагласи битот и суштественоста на нашиот оркестар, кој достоинствено и крајно виртуозно ја продолжува традицијата на светските биг-бенд оркестри. Главната состојка на овој добро зачинет концерт, секако беше солистичкото гостување на Мартин Ѓаконовски-Шпато, кој на контрабас беспоштедно и енергично ги везеше композициите и ги распосла сето свое светско искуство и генетско музичко наследство. Публиката уживаше во композициите од авторите: Оскар Петифорд, Чарлс Мингус, Тед Џоунс – едни од главните инспирации на Реј Браун; Дизи Гилеспи, Дон Менза, кои се долгогодишни соработници на Реј; Еди Гомез, Кристијан Мекбрајд, Авишаи Кохен, кои се негови ученици, наследници и едни од водечките џез-контрабасисти во светот.
Концертната приказна ја заокружија со македонскиот џез-стандард, кој ѝ е веќе добро познат на македонската публика – „Поздрав до Оркестарот“. Оваа вечер сите членови на џез-оркестарот имаа шанса да се појават на истата композиција како солисти, па диригентот Џијан Емин ја преимени композицијата во „Поздрав од Оркестарот“. Со оваа композиција на која автор е Драган Ѓаконовски-Шпато, Националниот џез-оркестар и Мартин Ѓаконовски (неговиот син) ја искористија пригодата сите заедно да му оддадат почит на основоположникот на џез-музиката во Македонија. Како солисти на концертот се појавија веќе добро познатите лидери на оркестарот, но оваа вечер ја направи уште поспецијална тоа што сите членови на оркестарот беа солисти.