Манастирот „Св. Архангел Михаил“, познат како беровски женски манастир, се наоѓа на излезот од Берово, кон Беровско Езеро. Темелите на првиот женски манастир во Берово се поставени дваесет години по изградбата на манастирската црква (околу 1840 година). Првите калуѓерки во манастирот биле снаата и ќерката на поп Ристо, зет на поп Пецо. Тие се замонашени со благослов на игуменот на Рилскиот манастир
Знаменитостите на Македонија
За градењето на црквата и манастирот нема посигурни историски податоци. За тоа постои една легенда. Во почетокот на 19 век Берово било селска населба, со околу двесте куќи и само со една мала и дотраена црква. Затоа тогашните поугледни беровци решиле да изградат нова црква на местото наречено Могила. Парохискиот свештеник, поп Пецо, бил задолжен да обезбеди дозвола за градба од уќуматот што се наоѓал во Радовиш.
Валијата дал дозвола за градба, но под многу тешки, речиси неостварливи услови. Имено, црквата да биде изградена ниско под нивото на патот и да не се гледа, градењето да заврши за четириесет дена, а поп Пецо, најмалата своја ќерка, Султана, да ја даде во харемот. Условите не ги обесхрабриле беровци во нивната намера. Со голем труд и пожртвуваност на верниците црквата била изѕидана и покриена со камени плочи за четириесет дена.
За да не биде забележлива, надворешниот ѕид бил премачкан со саѓи и со вар. Кога видел валијата дека црквата е изградена над земјата по истекувањето на рокот, многу се налутил и наредил тројцата црковни настојници веднаш да бидат убиени пред црквата, а бидејќи Султана избегала во Ќустендил, поп Пецо бил затворен. Тој бил пуштен од затвор по три години, а неговата ќерка се вратила во Берово кога разбрала дека комитите го убиле валијата.
Темелите на првиот женски манастир во Берово се поставени дваесет години по изградбата на манастирската црква (околу 1840 година). Првите калуѓерки во манастирот биле снаата и ќерката на поп Ристо, зет на поп Пецо. Тие се замонашени со благослов на игуменот на Рилскиот манастир. Во својот најголем подем, а тоа е во првата половина од 19 век, манастирот имал и до шеесет монахињи, со развиена богата економија, богословско училиште, ткајачница. Првата монофазна хидроцентрала во овој крај била манастирската. Манастирот денес е еден од малкуте во Македонија каде што непрекинато се одвива монашки живот од неговото градење.
Главната манастирска црква е посветена на Архангел Михаил. Таа била изградена во периодот од 1815 до 1818 година. Осветена е во 1818 година, а на нејзиното осветување присуствувал и просветителот Јоаким Крчовски. Од првобитниот иконостас е зачувана само една икона со претставата на Светиот пророк Ное, дело на иконописецот Георги Велјанов од Струмица, изработена во 1818 година.
Од 1899 до 1920 година во манастирот работел и зографот Гаврил Атанасов-Беровец. Целивната икона Успение на Богородица е дело на зографот Григориј Пецанов од Струмица, изработена во 1878 година. Параклисот „Св. Григориј Палама и Старец Јосиф Исихастот“ или Зимската црква е објект од понов период. Комплетно е завршен во 2014 година. Иконостасот и целивалните се дело на беровскиот иконописец и копаничар Ванчо Чаушовски.