Во многуте испишани страници на „Охрид-фест“, фестивалот создаде неброени хитови: „Усни на усни“ на Тоше Проески, „Јас и мојот бенд“ на Биба Додева, „Јана“ на Гиш, „За љубов се пее до крај“ на дуетот Ристо Самарџиев и Влатко Илиевски, „Цреши охридски“ на Александар и Дац, „Штом ноќта помине“ на Гоце Арнаудов, „Ех, да свири Садило“ на „Биоритам“…

Подготовките за 30-то издание на интернационалниот музички фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“ се во полн ек. На 1 и 2 септември во Охрид, на сцената на Долни Сарај, ќе се одржат интернационалната и фолк-вечерта на јубилејното издание на фестивалот, ќе има многу квалитетна музика, етаблирани имиња што на вистински начин ќе го обележат големиот датум на фестивалот со долга традиција.
– Во 1994 година започнаа „Охридски трубадури“, кои еве ја продолжуваат традицијата и годинава го имаме 30-то издание на „Охрид-фест – Охридски трубадури“. Фестивалот тогаш имаше само фолк-вечер, а победија: Ленче тогаш Дедејска, денес Кукиќ, со „Течете солзи“, со прва награда од публиката, и Горан Кукиќ со „Дали има пиле шарено“, со награда од жирито – се сеќава основачот и идеен творец на фестивалот Григор Копров.
Оваа 2023 година е јубилејна и за овој наш голем композитор, Копров одбележува 50 лета успешна музичка кариера.
По 1994-та, веќе следната година фестивалот се прошири со поп-вечер, а потоа се случи и интернационалната вечер. Во многуте испишани страници на „Охрид-фест“, во неброените хитови што ги создал фестивалот („Усни на усни“ – Тоше Проески, „Јас и мојот бенд“ – Биба Додева, „Јана“ – Гиш, „За љубов се пее до крај“ – дует Ристо Самарџиев и Влатко Илиевски, „Цреши охридски“ – Александар и Дац, „Штом ноќта помине“ – Гоце Арнаудов, „Ех, да свири Садило“ – „Биоритам“…), речиси не постои музичар од поранешните југословенски републики што не учествувал: Бајага, Горан Каран, „Нови фосили“, Беби Дол, Хелена Благне, Маја Татиќ, Саша Матиќ, Елеонора Баруџија, „Балканика“, Емилија Кокиќ…, а ја имавме и атракцијата „Бони-М“.
И годинава уметнички директор на фолк-вечерта е Љупчо Соколовски, а традиционално ќе ја води Каролина Петковска. Први септември ќе биде во знак на македонската фолк-елита: Наум Петрески, Зуица Лазова, Петар Нечовски, Нино Величковски, Душко Георгиевски….

На интернационалната вечер уметнички директор е Горан Шарац, а на неа во ревијалниот дел ќе блеснат Гоца Тржан и Принц, Алка Вуица, Срѓан Марјановиќ, Дарко Капо и Зорица Андријашевиќ… Наградата за промоција на музиката на Балканот ќе му припадне на легендарниот Дадо Топиќ, кој ќе ја изведе култната песна „Македонија“, снимена во 1973 година, хит стар 50 години, додека Неда Украден ќе добие награда за безвремениот хит „Зора је“, кој ќе го изведе на сцената на Долни Сарај.
Водителската двојка Марјана Станојковска и Васил Зафирчев ќе бидат домаќини на интернационалната вечер, каде што стандардно фестивалот им отстапува простор и на младите музички надежи, за кои е задолжен Давор Јордановски.
Преносот на „Охрид-фест“ е преку националниот сервис МТВ, а големиот интерес за него го потврдуваат и странските телевизии. Фестивалот се гледа и во Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна, Грција, Албанија, Бугарија…
Зад „Охрид-фест“ се 29 успешни години, а на ова 30-то издание сите се добредојдени, влезот на Долни Сарај е слободен.
Организаторите најавуваат уште изненадувања, гостувања, покрај вообичаените награди, во двете вечери и новинарите ќе доделат награда за песна што најмногу им се допаѓа. М.Т.


Копров со песна на „Сплит 2023“

Синоќа на престижниот, можеби најдобар фестивал од бившојугословенските просторите, Сплитскиот фестивал, талентираниот Теди Грубица ја испеа „Сунце и ја“, песна што ја потпишува Григор Копров, по текст на Роберт Пилепиќ и со аранжман на Владимир Дојчиновски.
Во богатата музичка биографија на фестивалот настапуваа и победуваа најголемите имиња, најдобрите интерпретатори: Тереза, Оливер, Џибони, Дино Дворник, Љупка Димитровска, Маја Оџаклиевска, Мики Јевремовиќ, Мери Цетиниќ…, а Копров се натпреварувал со седум песни, од кои публиката и денес ја памети „Да море зна“, која во 1986 година ја изведе Калиопи.
Инаку, неколку претставници од ова 63-то издание на Сплитскиот фестивал ќе настапат на „Охрид-фест“. Како што рече организаторот, големиот јубилеј, 30-тото издание на фестивалот, ќе значи и збратимување и соработка со врвни музички фестивали.