По неколку децении мал напредок во лекувањето на ракот, научниците велат дека истражувањата достигнале пресвртница, при што многумина предвидуваат дека следниот чекор напред во третманот на ракот ќе биде вакцина, која би требало да се појави за пет години.
Имено, не станува збор за воспоставени, односно традиционални вакцини што спречуваат болести, туку за вакцини за намалување на туморите и спречување на враќање на ракот. Целите на овие експериментални третмани вклучуваат рак на дојка и бели дробови, а позитивни резултати се забележани оваа година во третманот на смртоносниот рак на кожата и на панкреасот.
Вакцините против рак, како и другите имунотерапии, го зајакнуваат имунолошкиот систем за да ги пронајде и убие клетките на ракот. А некои нови користат мРНА, која беше развиена за рак, но за првпат беше користена за вакцини против ковид-19.
– За да функционира вакцината, треба да ги научи Т-клетките на имунолошкиот систем да го препознаат ракот како опасен. Откако ќе се обучат, Т-клетките можат да патуваат каде било во телото за да забележат опасност – рече д-р Нора Дисис од институтот за вакцина против рак „УВ Медисин“ во Сиетл.
Напредокот во третманот со вакцини е предизвик уште од самиот почеток. Првиот лек, „провенч“, беше одобрен во САД во 2010 година за третман на рак на простата што се проширил на други органи. Во таква фаза на болеста, неопходно е да се обработат сопствените имунолошки клетки на пациентот во лабораторија и потоа да се вратат. Исто така, постојат вакцини за лекување ран рак на мочниот меур и напреднат меланом.
Некои од првите истражувања за ракот беа прекинати, бидејќи ракот како болест го победи имунолошкиот систем на пациентот и како таков не дозволуваше никаков лек.
Меѓутоа, истражувањето и работата на вакцините сега се фокусирани на пациентите во раните фази на болеста, бидејќи досега се покажа дека вакцините не можат да дејствуваат кај пациенти што се во напредна фаза.
Една од првите што примија вакцина против рак на јајниците во безбедносна студија пред 11 години беше Џејми Крејс Мерсер. Со дијагноза на напреднат рак на јајниците, кога имала 34 години, Крејс мислела дека ќе умре млада и направила тестамент оставајќи ѝ го својот омилен ѓердан на својата најдобра пријателка. Таа сега има 50 години и засега нема знаци дека ракот се враќа. Таа не знае со сигурност дали помогнала вакцината, но гордо вели: „Сè уште сум тука“, пренесува АФП.