Покрај тоа што актерите се подготвени да истражуваат, да научат разни вештини, нагло да ослабат и да се здебелат, тие се подготвени да направат уште многу нешта за добро одиграна улога. Но има и такви што не се толку заинтересирани. Интересно е што тоа не е пресудно за крајниот резултат, за што сведочат следните примери.
Добро подготвени
Леонардо ди Каприо – „Повратник“
За да се подготви за улогата, Ди Каприо спиел во труп на животно, кампувал во дивина, се капел во ледена река и јадел сурово месо од бивол. Напорот даде плод, бидејќи благодарение на тоа го доби својот прв „оскар“.
Бри Ларсон – „Соба“
За да може соодветно да се подготви за ликот на една мајка во заробеништво, Бри не ја напуштила куќата еден месец. Таа напишала дневник од позицијата на нејзиниот лик, а се сретнала и со психолог за да дознае што повеќе за последиците од заробеништво. Се гледала со момчето што го глуми нејзиниот син, за да можат подобро да се запознаат. Сето тоа резултира со „оскар“ за главна женска улога.
Натали Портман – „Црниот лебед“
За улогата на амбициозна балерина, Натали интензивно тренираше една година. Во првите шест месеци, неколку часа дневно, потоа пет часа и на крајот дури осум часа на ден. Тоа вклучуваше 30 минути истегнување само за стапалата. Неколкупати беше повредена, но сето тоа вредеше, бидејќи доби и „оскар“.
Кристофер Ли – „Господарот на прстените“
Овој актер, всушност, долго време се подготвувал за ликот на волшебникот Саруман. Jа читал трилогијата еднаш годишно, а тој е и единствениот актер од тимот што лично го запознал Толкин. Отсекогаш сакал да биде во филмската адаптација на книгата, па му ги испраќал своите фотографии со костими на режисерот Питер Џексон.
Џаред Лето – „Одредот на отпишаните“
Џаред темелно навлезе во ликот на Џокер, кој, за жал, не беше толку забележлив на големото платно. Тој им испраќал изопачени подароци на своите колеги од сетот, на пример стаорци. За време на снимањето избегнувал комуникација, а еднаш однел и мртво животно. Се среќавал со криминалци и одел по улица имитирајќи ја смеата на Џокер.
Актери што не се подготвиле за улогата
Марлон Брандо – „Апокалипса денес“
Брандо беше генијалец, па улогата во овој филм го прослави, иако не се занимавал со тоа. Доказ за тоа е што режисерот Френсис Форд Копола морал да го прекине снимањето за да му ја објасни улогата на Марлон. Актерот, сепак, се појавил значително здебелен и со ненаучен текст, кој морале да го напишат на големи картони.
Кристофер Пламер – „Сите пари на светот“
Во овој случај, виновникот не бил Кристофер, туку околностите. Имено, актерот Кевин Спејси доби отказ поради обвинувања за сексуална злоупотреба, па Пламер на негово место за само девет дена го сними ликот на Пол Гети. Иако имал проблем со меморирање на текстот, тој доби „оскар“ за споредна улога.
Хју Џекмен – „Иксмен“
За својата прва улога како Вулверин, Џекмен имал само три недели за интензивна физичка подготовка. Тоа за него не било едноставно, со оглед на тоа што дотогаш не бил особено „спортски тип“. Покрај тоа, тој воопшто не читал стрипови, а мислел дека Вулверин е еден вид животно.
Мајкл Гамбон – „Хари Потер и затвореникот од Азкабан“
Не само што премногу грубо го играше инаку мирниот лик на професорот Дамблдор туку и на Мајкл не му падна на памет да прочита ниедна книга за Хари Потер. Тој искоментира дека нема потреба од тоа, бидејќи не меморира книга, туку сценарио.
Јуан Мекгрегор – „Ема“
Самиот актер призна дека тоа била неговата најлоша улога досега, која ја прифатил само за луѓето повеќе да не го поврзуваат исклучиво со филмот „Трејнспотинг“.