Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ранко Петровиќ, првиот човек на Радио бубамара, и Никола Перевски-Пере, водачот на групата „Нокаут“, по 14 години во прегратка ги држат своите трети деца, ќеркичките Јана, која има една и пол година, и шестмесечната Софија

Секојдневието на Ранко Петровиќ, првиот човек на популарното Радио бубамара, и на Никола Перевски-Пере, водачот на познатата македонска поп-група „Нокаут“, периодов е многу слично. Ги будат нивните мали ќеркички Јана и Софија, нивните трети деца, а се знае дека кога денот ќе ти започне со детско гласче и со насмевка, мора да биде убав и мотивирачки.
И воопшто не им е тешко да се грижат за малите принцези, Јана Петровиќ има една и пол години, веќе оди сама и личи на мама, а Софија Перевска има само шест месеци, цела е на тато и знае да се смее и да гуга.
И Ранко и Пере велат дека со грижата за децата и периодот на пандемијата не го ни почувствувале, а ќеркичките повторно го сплотиле семејството заедно. И ништо не им е тешко да направат за нив, додека за првите две деца немале толку време да им се посветат.
Ранко и сопругата Маја се родители и на ќерката Ангела (16) и на синот Марко (15), а Пере од првиот брак ги има ќерките: Михаела (22) и Каја (14). Значи и двајцата бебе во прегратка држат по точно 14 години.
– Во држава во која немаме право на нормален живот, убаво е самите да си го направиме поубав. Мислам дека е подобро да имаш трето дете отколку три мандати во Собрание како пратеник на сметка на народот. Инаку, кога се роди Јана цел месец имаше привремено име ФИРОМ, па се мислевме нешто да биде поврзано со север, а на крајот сепак таа го доби ова убаво македонско име. Шегата на страна, на сите им препорачувам да имаат најмалку две, три деца. Јас отсекогаш го посакував тоа и искрено се чувствувам многу помлад откако таа дојде на свет – ни рече во негов стил Ранко Петровиќ.

Тој додаде дека во чувањето на Јана имаат голема помош од постарите деца Ангела и Марко.
– Јана е многу чувано и сакано дете, под 24-часовен надзор од сите нас – вели Ранко.
Никола Перевски, пак, ни откри дел од секојдневната агенда.
– Софија ме буди рано, а признавам и хронично сум ненаспан, сѐ е многу подинамично, но се чувствувам многу среќен и исполнет. Ништо не ми е тешко да направам за мојата ќеркичка. Секако, голема помош имам и од Михаела и од Каја, кои живеат на дваесетина метри од мене, па често сме заедно, а особено се дружевме во периодот на пандемијата. Мислам дека вниманието е тоа што најмногу им треба на децата од најрана возраст. И покрај обврските со Софи, не ми недостига ниту инспирација за нови песни, за снимање на документарниот филм за „Нокаут“ и за други активности поврзани со професијата – ни рече Пере.

И на Ранко и на Пере не им е тешко кога се, како што велат, „прва смена“, односно кога сопругите Маја и Јована се на работа, а тие се грижат за Јана и за Софија.
Уште една сличност меѓу нив е што сопругите имаат професии што немаат врска со забава и со музика, но имаат со даноци и со пари. Маја, сопругата на Ранко, која е бивша одбојкарка, работи во Управата за приходи – Внатрешна ревизија, а Јована, втората половина на Пере, е вработена во Светска банка.
Кога го прашавме Ранко што би го посоветувал Пере околу чувањето на Софија, веднаш одговори: „Пере сѐ си знае, нека продолжи веднаш на четврто, едно машко мора да излезе“, се пошегува тој.

А Никола со насмевка одговори дека многу ги сака своите три ќерки, но за син, ако треба ќе оди и на петто дете.
Разговарајќи и со двајцата се уверивме дека тие се многу блиски пријатели и соработници, а освен многуте сличности меѓу нив, она што ги поврзува сега е и 25-годишната успешна кариера и тоа што на Радио бубамара се вртат хитовите на „Нокаут“, а на витрините во домот на Пере се наоѓаат статуетките „златна бубамара“ што ги добил на популарната манифестација.
А кога сме веќе кај професионалните успеси, Радио бубамара е прво по слушаност во Скопје, а особено им прирасна за срце на скопјани за време на пандемиската година зад нас.
– Се трудиме програмата да биде интересна. Особено во пандемијата им беше прибежиште на луѓето, кои на нашето радио секојдневно можат да слушнат убави вести и зборови, и да се тргнат од секојдневната реалност. И годинашната манифестација „Златна бубамара“ беше во духот на мигот во кој живееме и сакавме пред сѐ да испратиме порака дека грижата за здравјето е најважна периодов, со благодарност до докторите и сеќавање за сите што ја изгубија битка со корнавирусот. Здравје, кога ќе бидат сите имунизирани и ќе се создадат услови на 25-то јубилејно издание, сѐ ќе надоместиме. Важно е сега како држава и како народ да го издржиме ова пандемиско (не)време – вели Ранко.
Никола Перевски-Пере ни рече дека со момците од „Нокаут“ веќе работи на нов материјал.

– По неколкуте песни што ги промовиравме периодов: „Сакам да живеам“, „Шал“, „Good Old Fashioned Rocк&Roll“ со Венко Серафимов, ќе има и многу нови песни наскоро, а документарниот филм што го реализиравме по повод 25-годишнината на бендот, ќе го промовираме до крајот на годината. Планираме и да ѝ се претставиме на европската публика – открива Пере.
Но на пријатниот разговор му се приближуваше крајот, бидејќи Софија мораше да го испие своето шише млеко, а Јана беше нестрплива да си поигра во паркот, па тато Никола и тато Ранко беа тука да им ги исполнат желбите на своите ќеркички, кои се уверивме и самите дека и физички и духовно ги подмладија.