Манастирот Трескавец

Црквите и манастирите биле единствените јадра околу кои се групирало македонското христијанско население во 19 век. Црквите биле центарот и тежиштето на културно-народниот живот, смислата на нивните погледи и мислења за светот околу нив

Во 1835 година била укината забраната за изградба на нови цркви. Оттука, во периодот помеѓу 1835 и 1842 година биле подигнати повеќе нови цркви. Во 1814 година во Кочани била изградена црквата „Св. Ѓорѓи“, а во 1816 година во Ќустендил била обновена старата црква „Св. Богородица“. Во периодот 1817-1818 година, по иницијатива на Кирил Пејчиновиќ, бил обновен Лешочкиот манастир. Во 1833 година биле основани манастирот „Св. Јаким Осоговски“ кај Крива Паланка и Рилскиот манастир, тогаш биле изградени и црквата во Струга, катедралата во Скопје, црквите во Демир Хисар, Долно Броди, Кратово, Прилеп и др.

Есента 1833 година, во Скопје пристигнал патријаршискиот митрополит Гаврил. Во тој период во Скопје имало две стари цркви, „Св. Димитрија“ и „Св. Спас“, кои биле многу мали. Скопскиот првенец Хаџи Трајко подарил пространо место на левиот брег на Вардар за изградба на нова црква. Во 1834 година христијаните добиле дозвола за изградба на нивната црква. И покрај негодувањата на муслиманите, изградбата на црквата започнала во 1834 години, а завршила во 1835 година. На 1 мај 1835 година, новата црква била свечено осветена и наречена „Св. Богородица“. Оваа црква била широка и висока, со делкан камен, покриена со мермер, со мермерен иконостас и скапи икони. Црквата „Св. Богородица“ била единствена во цела Македонија и пошироко, немало црква што ѝ била еднаква на нејзината убавина.

Јеромонахот Самуил од манастирот Трескавец, насликан од Дичо Зограф, 1854

Културно-црковен центар во Кривопаланечко и пошироко бил манастирот „Св. Јоаким Осоговски“. Во првата половина на 19 век, во манастирот имало мал параклис посветен на Св. Богородица. Во 1847 година, со помош на хаџи Стефан Младенов започнала изградбата на големата манастирска црква посветена на Јоаким Осоговски. Црквата била осветена во 1851 година. Хаџи Стефан Младенов успеал да издејствува дозвола од османлиските власти за изградба на црквата. Зданието било финансиски помогнато од локалното население, кое и самото учествувало во градбата.

До 1838 година, прилепчани немале своја црква. Сите молби и барања за изградба на црква биле одбивани. Оттука, тајно биле отворени параклиси во разни делови на градот. Такви имало во куќите на Петрета и Ќорвезировци. Најголемиот дел од христијаните биле принудени своите верски потреби да ги задоволуваат во селото Варош. Најголема заслуга за изградбата на новата црква имал хаџи Христо. Тој успеал да издејствува ферман за црквата со помош на цариградскиот патријарх Григориј.
Со изградбата на црквите, паралелно започнала и нова фаза во преродбеничкиот процес – промени во образованието, период на изградба на училиштата, процес што се засилил на средината на 19 век. Ќелијните училишта што служеле за образовање верски христијански кадар станувале световни за да ги задоволат потребите на трговците и занаетчиите, паралелно се зголемувал бројот на училиштата и се создавал првиот училиштен кадар. До 30-тите години на 19 век, до појавата на првите световни училишта, просветата била раководена од чорбаџиите, трговците и занаетчиите. Тие се грижеле за отворање нови училишта, за книги, учители, како и за нивна издршка. Поткрепен од трговци, Јоаким Крчовски во периодот 1814-1819 година ги отпечатил своите книги. Во неговите книги како помагатели стојат имињата на трговци од Штипско, Кратовско, Дебарско и од други места во Македонија.

Во 18 век училишта имало во манастирите Трескавец, Бигорски, Лесновски и др. Во 1802 година, во селото Лешко, Горно Џумајско, постоело училиште. Во 1810 година во Велес, при рилскиот метох имало училиште каде што учителствувал поп Наум. Во 1817 година во Кичево учителствувал Хаџи Јоаким Крчовски. Во 1820 година Крчовски учителствувал во манастирот Слепче, Прилепско, во тамошното ќелијно училиште. Во 1826 година, во манастирот „Св. Архангел“ при селото Кучевиште, имало големо училиште, со околу 100 деца. Во 1828 година во селото Витолишта, Мариовско, било отворено училиште. Во 1830 година било отворено главното централно училиште. Во оваа година егзистирале ќелијното училиште во манастирот „Пречиста“ и училиштата во Скопје и во Штип.

Во велешкото Башино Село во 1842 година имало училиште со 80 ученика. Во Прилепско првите училишта биле ќелијни и се наоѓале во манастирите: Трескавец, Св. Архангел, Чеберенскиот (Мариово) и др., а во нив се школувале калуѓери и попови. Подоцна биле отворени световни училишта во градот, кои биле сместени во куќите на даскалот. Учители биле свештеници и мирјани. Обучувањето на децата во овие училишта било со буквен метод, кој започнува со изразот „Крсте помагај“ и изучување азбука со словенските букви. Подоцна во наставата се користел буквар напишан на македонски народен говор од некој Андреј Ресенчанец, продавач на книги што го посетил прилепскиот панаѓур.