Финската култура на одење во сауна сега е на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Не постои ништо пофинско од сауна, објавува „Франс 24“.

– Капењето во сауна е интегрален дел на секојдневниот живот и на прослави. Тоа е животен стил на Финците и претставува знак на благосостојба. Со додавањето на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, културата на сауни ќе ја направи уште попозната низ светот – изјави финската министерка за наука и култура Аника Сарико.

Како што забележува УНЕСКО, сауните се наоѓаат дома или се на јавни места, во сите димензии и облици, можат да се загреваат на струја, дрва или да бидат инфрацрвени.

– Сауните се важен дел од финската култура. Тие се сметаат за свети места, тие се како цркви на природата. Луѓето тука си ги прочистуваат телото и умот и постигнуваат чувство на внатрешен мир – соопшти УНЕСКО.

Во земјата со 5,5 милиони жители, 90 отсто од нив одат во сауна барем еднаш неделно. Низ Финска има 3,2 милиона сауни. Традиционално, саботите биле ден за сауна, но сега Финците одат во сите денови од неделата.