И филмовите понекогаш може да дејствуваат како терапија. Скорашно раскинување, невозвратена љубов, лош ден на работа, сезонска депресија…Има мигови кога немате волја да се занимавате со ништо, уште помалку да се социјализирате. Но има и филмови што може да ви го стоплат срцето, да ви дадат надеж и да ви покажат дека не е сѐ толку црно.

„Хектор и потрагата по среќата“ (2014)

Ова е филм што ја покажува универзалната човекова потрага по среќа. Психијатар што заработува помагајќи им на луѓето да бидат среќни, сфаќа дека тој самиот не ја чувствува среќата. Преиспитувајќи ги своите избори, заминува на патување низ светот. Преку туѓите приказни што ги дознава, доаѓа поблиску до одговорите за себе. Филмов е оптимистичко патување низ човековите емоции, стремежи и вечни дилеми, кое ќе ви го стопли срцето.

„Моди“ (2016)

Биографски филм за канадската уметница Мод Луис (Maud Lewis). Борејќи се со хроничната болест и суровата околина, успева да стане светски позната уметница, иако нема ниту ден официјално ликовно образование. Секој кадар визуелно е магичен, а актерската игра на познатите Итан Хоук и Сели Хокинс е одлична. Фактот дека станува збор за вистинска приказна го прави филмот уште повпечатлив и покажува дека, без оглед на околностите, искрената љубов и автентичноста секогаш победуваат.

„Цветно кафе“ (2011)

Уште една канадска продукција со европска кинематографска длабочина. Низ филмот се испреплетуваат две приказни – една современа, за партнерска љубов и една сместена во минатото, за мајка и син. Секоја сцена е чиста емоција, која ги надминува и зборот и сликата. А крајот е вистинско крешчендо, кое ќе ви го преполни срцето со чувства. Затоа е и тешко да се опишува филмов со зборови, треба да се почувствува. Можеме да кажеме само дека е мистично патување, недофатливо, а моќно, токму како самата љубов.

„Наопаку“ (2015)

Иако е „детски“ цртан филм, „Наопаку“ истовремено е и учебник по психологија. Фасцинантно е како успева да раскаже толку сериозни теми на многу разбирлив и забавен начин. Сликовито прикажувајќи ги чувствата на малечката Рили, прецизно покажува како нашите емоции се формираат и потоа влијаат врз нашиот живот. Одлична терапија, особено во периоди кога чувствата ве преплавуваат и не знаете како да се справите со нив. Дава утеха дека колку и да се чувствувате хаотично, сепак имате моќ и можете да направите свесен избор кои емоции ќе управуваат со вашето секојдневие.

„Чоколада“ (2000)

Како што ликот на Џулиет Бинош ги заведува жителите на селцето со нови вкусови, така и вие ќе бидете заведени од „вкусноста“ на филмов. Врвни актери, одлична фотографија и приказна за магијата на создавањето, хедонизмот и слободата. Филмов е особено добредојден кога животот ви остава горчлив вкус, затоа што ќе ве потсети дека може повторно да создадете нешто слатко, по свој рецепт. За максимум сетилно уживање и наплив на серотонин, почестете се со добро чоколадо додека го гледате.

„Уништување“ (2015)

Филм со холивудски мегаѕвезди како Џејк Гиленхал и Наоми Вотс, но далеку од плиток холивудски блокбастер. Напротив, бавна, интроспективна и слоевита драма. Иако основата на приказната е трагедија, не е траурен или патетичен. Всушност, неговата убавина е во тоа што успева многу суптилно, ненаметливо да ги прикаже сите нијанси на човековите емоции и релации. А, неговата „терапевтска моќ“ е во тоа што ќе ви покаже дека не е страшно ниту кога мислите дека светот се руши. Често, токму таквото рушење помага да се изградите во нешто поубаво, посилно.

„Единствената Еми“ (1997)

Деведесеттите години на минатиот век ни имаат оставено неколку култни инди-филмови, со шармантен сарказам и луцидни увиди за животот. Таков е „Единствената Еми“, чиј режисер и сценарист е Кевин Смит, „мозокот“ од култното дуо Џеј и Сајлент Боб. Со карактеристичен, интелигентен хумор и без многу филозофирање, ни раскажува една необична љубовна приказна. Кевин вели дека сценариото има автобиографски елементи, што веројатно прави приказната да дејствува реално, приземно.