Проектот РИСЕ почнува со вториот отворен повик за апликации за млади претприемачи од нашата земја и од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија за развој на идеи за социјални претпријатија. Преку серија работилници, предавања, средби, програми за мобилност и финансиска поддршка, младите луѓе ќе имаат шанса да учат, да растат, да го оформуваат својот бизнис и во исто време да помогнат во решавањето на проблемите на нивните локални заедници.
Здружението за социјални иновации АРНО, на одржаната онлајн инфосесија, ги повика младите од нашата земја да аплицираат до 26 септември, преку формирање тим.
Шестте локални инкубатори во земјите од Западен Балкан се во потрага по млади луѓе од 18 до 35 години од регионот, млади, кои во група од минимум две лица, се мотивирани да научат за социјално претприемништво и да бидат вклучени во регионална програма. Апликантите треба да бидат амбициозни и посветени да развијат конкретна идеја со општествен импакт, а наедно и да бидат подготвени да учат од другите млади во регионот.

Со учеството во програмата РИСЕ, младите луѓе развиваат и вештини што придонесуваат за нивната вработливост.
Заинтересираните апликанти треба да имаат идентификувано општествено или еколошко прашање со кое сакаат да се справат и/или да работат на идеја, без да имаат отпочнато со вистинска деловна активност.
РИСЕ (Регионален инкубатор за социјални претприемачи) има цел да го збогати екосистемот за социјално претприемништво на Западен Балкан и да им овозможи на младите луѓе да развијат иновативни општествени решенија, кои ќе придонесат за помирување и соработка во регионот. Позитивна промена на Западен Балкан е можна, додека стабилноста и просперитетот може да се постигнат само со поттикнување на помирувањето и соработката во регионот. Проектот РИСЕ промовира дијалог и соработка помеѓу актерите и државите преку мобилноста на своите учесници, организирање регионални обуки, размена, работилници и настани, како и создавање вистинска мрежа на млади претприемачи.
РИСЕ е тригодишен проект, кој започна на 1 октомври 2019 година, и се спроведува низ шесте држави во Западен Балкан.