Станува збор за овошјата и зеленчуците што се полни со вода, а и многу се хранливи, содржат влакна што даваат чувство на ситост и имаат многу малку калории. Иако не се богати со протеини, таквите овошја и зеленчуци се полни со витамини, антиоксиданти и со други хранливи материи добри за здравјето, пренесува „Индипендент“

Не постои храна без калории, тоа веќе им е јасно на сите, но американската нутриционистка д-р Лиза Јанг потсетува на неколку намирници што можете да ги јадете во големи количества без да се здебелите. Тоа се овошјето и зеленчукот без скроб. Станува збор за овошја и зеленчуци што се полни со вода, а и многу се хранливи, содржат влакна што даваат чувство на ситост и имаат многу малку калории. Иако не се богати со протеини, таквите овошја и зеленчуци се полни со витамини, антиоксиданти и други хранливи материи добри за здравјето, пренесува „Индипендент“.
Според нутриционистката Јанг, откако ќе ги консумирате следните намирници секој ден, вашето тело ќе ви биде благодарно, а вие ќе бидете исклучително задоволни од линијата.

Боровинки – Одамна се познати по тоа дека се богати со антиоксиданти, содржат повеќе од кој било друг вид овошје. Една чаша содржи само 85 калории. Ова овошје содржи претежно вода. Боровинките имаат многу малку калории, а најдобро е да се јадат со нивната лушпа затоа што е богата со растителни влакна и витамин А или бета-каротен, што е добро за видот.

Брокула – Многу хранлив зеленчук кога се јаде свеж или подготвен на пареа. Содржи сулфорафан, кој има антиканцерогено дејство и ја зголемува концентрацијата на некои корисни ензими во цревата. Покрај витамините А, Ц, Е и К, една порција брокула подготвена на малку пареа содржи 20 проценти од дневното количество растителни влакна потребни за организмот. Брокулата има само 31 калорија.

Целер – Речиси 95 проценти од стеблото на целерот содржи вода, а истовремено е богат со калиум, фолна киселина, влакна и витамин К. Една порција содржи 6 калории. Најдобро е да се јаде свеж и треба да се има на ум дека по пет до седум дена чување во фрижидер, се губат многу антиоксиданти.

Диња – Дињата е полна со бета-каротен, форма на витамин А што помага за здравјето на очите и добриот вид. Едно парче од ова овошје на ден го снабдува организмот со калиум и со потребното количество витамини А и Ц. Деведесет проценти од дињата се вода, а една порција има само 55 калории.

Грејпфрут – Грејпфрутот ги раствора маснотиите и е одличен за слабеење. Полн е со растителни влакна, па дава чувство на ситост подолго време и ги стабилизира нивоата на шеќер во крвта. Во една половина од ова овошје има само 50 калории. Витаминот Ц од грејпфрутот го намалува ризикот од многу здравствени проблеми. Го намалува холестеролот, го подобрува варењето, штити од карцином и од срцеви проблеми. Тој е идеална храна за бремени жени.

Јагоди – Во една порција јагоди има повеќе витамин Ц отколку во еден портокал. Доволна е порција од 150 грама за да се исполни дневната доза за витамин Ц. Тие се полни со полифеноли, еден вид антиоксиданс. Содржат калиум и растителни влакна, богати се со вода (90 проценти), а сиромашни со шеќер (10 проценти) и целулоза. Јагодите се едни од најмалку калоричните овошја – само 35 калории на 100 грама.

Карфиол – Карфиолот е многу хранлив, тој е полн со антиоксиданти, односно кверцетин, фитохемикалија што има антиоксидантно дејство. Помага во борбата против хроничните болести. Карфиолот е одличен извор на фолна киселина, растителни влакна, витамини Ц и К. А порција содржи само 25 калории.

Кељ – Содржи многу малку калории. Една порција (околу 150 гр) свеж кељ содржи само 33 калории, но има речиси три грама протеини и околу 2,5 грама влакна што ќе ве заситат. Исто така, содржи омега 3 заситени киселини, кои главно ги има во рибите. Кељот е богат со витамини и фолна киселина.

Капини – Како и другите бобинки, капините се полни со витамин Ц и биофлавоноиди, кои дејствуваат како силни антиоксиданти и спречуваат формирање слободни радикали. Тие ја зголемуваат апсорпцијата на витаминот Ц и помагаат во зачувување на колагенот, што е добро за кожата. Во една порција има само 62 калории.

Портокали – Кога го споменуваме ова овошје, сите прво помислуваме на витаминот Ц, но овој цитрус има и многу други корисни состојки. Покрај со витамин Ц, тие се богати со витамини Б1, Б9 (фолна киселина) и А, како и со калиум, калциум и растителни влакна. Портокалот е еден од најмоќните борци против рак и содржи дури 58 познати антиканцерогени супстанции, повеќе од која било друга храна. Еден портокал со средна големина содржи околу 80 калории.

Домати – Најпознати се по големото количество ликопен, кој помага во намалување на холестеролот и крвниот притисок, а црвениот пигмент од доматите е моќен антиоксиданс што го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести. Најдобро е да ги консумирате свежи, но исто така се здрави и во преработена форма. Тие се полни со витамини А, Ц и Б2, а притоа содржат и растителни влакна, фолна киселина и калиум.

Салата – Сите видови салата имаат само 10 до 20 калории по порција. Иако нема да внесете протеини во вашето тело со консумирање зелена салата, ќе се снабдувате со витамини и хранливи материи, како што се фолна киселина, железо и витамини А и Ц.