Ваденско Море со своите брегови во три земји е еден од последните екосистеми од ваков вид

Ваденско Море е природен феномен признаен од УНЕСКО што се заштитува како светско наследство, но не изгледало секогаш како денес. Своите контури ги доби пред неколку илјади години, меѓутоа неговиот брег не престанува да се менува до денес. Пред околу 10.000 години, Северно Море било речиси суво, а од Холандија до Англија можело да се оди пеш. Некаде на почетокот на холоценот, силните ветрови со децении носеле огромни количества песок во правец на Данска, Германија и Холандија, а Северно Море започнало да се полни. Брановите ги обликувале ѕидовите од песок, а морските канали растеле – и на крајот пораснале толку многу што во текот на неколку века се создало море во нив.
Ваденско Море е еден од последните екосистеми од ваков вид. Формирано е под влијание на плимата и поради таа причина се повлекува двапати на ден, оставајќи зад себе огромни калливи пространства, ширина до 40 километри. Овие природни процеси создаваат уникатни сцени, па, така, во еден момент посетителот може да види огромен каллив простор, а во следниот сè е покриено со вода. Се протега по должината на бреговите на Данска, Германија и Холандија.

И покрај променетото живеалиште, во кое не е лесно да се преживее, ова море врие од живот. На морските ливади расте трева, цветаат солени мочуришта, се формираат канали и утоки, се формираат необични речни корита, плажи и дини – сето тоа зависи од тоа дали го набљудувате при плима или осека. Голем дел од Ваденско Море, особено во Холандија и Долна Саксонија, во северна Германија, е покриен со острови обликувани од природни бариери. Иако природата играла голема улога во создавањето на ова море, човекот исто така учествувал на свој начин. Луѓето граделе насипи за да ги заштитат добитокот и посевите од поплави, а обликот на морето бил променет со ископување кал од каналот.
Тековите на Ваденско Море се силни, но не се насекаде исти. Колку е поголема разликата помеѓу плимата и осеката толку е поголема струјата. Така, на пример, во Холандија разликата помеѓу плимата и осеката е помала отколку во Германија и во Данска. Ова значи дека струите во Холандија се послаби. Каде што плимата е поголема, каналите се пошироки, затоа што низ нив тече повеќе вода, а тоа се случува во Германија и во Данска, каде што во споредба со Холандија, островите се помали.