Носењето заштитни маски ќе стане наша секојдневна рутина, нешто на што полека ќе мора да се навикнуваме, предупредуваат експертите од Светската здравствена организација (СЗО).
– Различните начини на заштита на лицето, секако, ќе станат норма за луѓето низ светот – предупредува Дејвид Набаро од СЗО, наведувајќи дека коронавирусот нема тукутака да исчезне.

Тој исто така вели дека научниците не знаат дали пациентите се способни да создаваат имунитет дури и откако ќе закрепнат од вирусот и дека светот сè уште е далеку од наоѓање вакцина. Набаро оценува дека ковид-19 ќе направи револуционерни промени во светот, исто онакви какви што претходно предизвикаа ХИВ/сида и колерата.

Темата „заштитни маски“ иницира голем број дискусии низ светот, а мислењата се поделени. Експертите од СЗО велат дека носењето маска не е доволно за да се заштитиме од коронавирусот.

– Потребно е луѓето да имаат доволно маски. Меѓутоа, маската не штити во целост. Ако носите маска и заборавите на сè друго, односно не држите оддалеченост, не ги миете рацете, сигурно ќе се разболите – изјави претставничката на СЗО во Русија, Мелита Вујнович.