Зад миксетата и лаптотот, со црвен кармин и слушалки на главата,  осумдесетгодишната диџејка Вика стои на бината и пушта музика на забава во голем клуб во Варшава.

Наместо да се грижи дома за внучиња, најстарата полска диџејка,  Вирџинија Шмит, опремена со цедеа, лаптоп и миксета се подготвува да пушта музика за да гиразмрда пензионерите, пренесува „Ројтерс“.

– Не ми е грижа доколку на некого не му се допаѓа тоа што јас танцувам зад миксетата – вели диџејката и почнува да ракоплеска заедно со публиката во ритамот на мелодијата.

Таа веќе две децении пушта музика за пензионерите во Полска, а благодарение на тоа се стекнала со голема слава и почит.

Секој понеделник таа забавува околу илјада луѓе во клубот „Хука Кула“ и ги охрабрува постарите лица да се забавуваат со музички репертоар кој вклучува се од диско и рок-музика до самба и балади.

– Јас не се вклопувам во стереотипот за старите луѓе. Не гледам зошто мојата возраст треба да влијае на моите животни навики – вели енергичната Вика.