За да им помогне на граѓаните полесно да балансираат меѓу работата и приватниот живот, како и да се привлечат дигитални номади во земјата, португалскиот парламент усвои нов закон за работни односи. Имено, отсега незаконски е работодавците да ги бараат работниците по завршувањето на нивната смена.
Доколку работодавците го прекршат овој закон, може да се соочат со казни. На пример, тие ќе бидат принудени да плаќаат зголемени трошоци како резултат на работа од дома.
Новиот закон носи еден вид заштита за вработените, нивните газди веќе нема да можат да ги надгледуваат ниту за време на смената, ниту потоа. Но во истиот закон стои дека тие мора да се состануваат на секои два месеца.
Треба да се нагласи и дека предлог-законот за т.н. право на исклучување не беше изгласан. Да беше одобрен, работниците ќе имаа право да ги исклучат своите деловни уреди.
Министерката за труд и социјално осигурување Ана Мендес Годињо рече дека пандемијата го забрзала регулирањето на одредени закони и дека се надева дека усвојувањето на овој закон ќе им го олесни животот на граѓаните и ќе привлече дигитални номади во Португалија.