Сите знаеме каков е гласот кога некое лице има тешка настинка. Но дали би препознале како звучи едно лице што страда од Паркинсонова болест или од карцином? Веројатно не, но научниците веруваат дека алгоритмите и вештачката интелигенција наскоро ќе можат да откријат знаци на болест врз основа на нечиј глас. Истата техника дури би можела да биде корисна и во случај на зараза од коронавирусот.

– Секој наш внатрешен орган е еден вид резонатор, па ако имаме проблеми со белите дробови или срцето, тоа се рефлектира на нашиот глас – вели Џовани Саџо, професор по електронски инженеринг на универзитетот „Тор Вергата“ во Рим.
Саџо е еден од ретките истражувачи во светот што се занимава со оваа тема.
– Како звучи нашиот глас зависи од главниот спроводник, мозокот. Значи, ако имате церебрален проблем, како што се Алцхајмеровата болест или Паркинсоновата, вашиот глас ќе се промени и ние можеме да го откриеме тоа. Кога станува збор за новиот коронавирус знаеме дека ги загрозува белите дробови и дишните патишта, а тоа секако влијае на гласот, што значи дека ковид-19 би можел да се открие со истиот метод – објаснува професорот Саџо.

На универзитетот „Хумболт“ во Германија велат дека можат да изградат алгоритми што ќе детектираат емоционална и физичка состојба само врз основа на податоци, особено од човечкиот глас. Научниците од Универзитетот во Вашингтон, пак, во списанието „Нејчр“ објавија студија за тоа како уредите како Алекс на „Амазон“ можат успешно да го препознаат задишаниот глас што често му претходи на срцевиот удар.
Саџо вели дека досега низ светот се објавени повеќе од 150 научни труда за поврзаноста помеѓу промената на гласот и различните патологии. Користејќи ја технологијата што самиот ја дизајнирал и патентирал, тој во Мумбај испитал 284 лица со Паркинсонова болест и уште 28 лица од контролните групи.

Секоја личност ја снимила истата кратка реченица. Кога ги анализирал гласовите, односно разликите во акустичните параметри, тој можел точно да идентификува 95 проценти од пациентите со Паркинсонова болест.
– Секој човечки глас има 6.300 параметри, а човечкото уво, со исклучок на обичната настинка, не може да ги разликува. Но вештачката интелигенција може да го стори тоа – објаснува тој.
Саџо е во оваа научна област веќе десет години. Тој сега има 55 години и се надева дека алгоритмите и вештачката интелигенција ќе бидат во поширока примена пред да замине во пензија.