Музичарот Борис Брејча е една од главните ѕвезди на фестивалот „Таксират 2021“, чија главна вечер ќе се одржи на 7 декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Тој важи за суперѕвезда на новата генерација, кој создаде свој звук и со вртоглав подем на самиот врв на светската сцена дочека неговиот „хај-тек минимал“ да биде еден од најпопуларните правци на денешницата. Од електронската музичка сцена пристигнува и неговата долгогодишна соработничка во нивната заедничка етикета „Факинг сириас“, харизматичната Ан Клу, позната по своите непредвидливи сетови што со посебна енергија ги освојува подиумите низ целата планета.
Од регионалната музичка сцена, пак, својот настап на „Таксират“ први го потврдија неуништливите рок-легенди „Партибрејкерс“, еден од највлијателните и најистрајни бендови на балканската рок-сцена, кој речиси 40 години воодушевува испорачувајќи моќен звук на секогаш искрените настапи. Не помалку легендарно име ни доаѓа и од домашната сцена, „Санаториум“, најзначајната македонска треш-метал група и веќе култно име што три децении е музичка лектира на балканската метал-сцена.
Гостуваат и актуелните изведувачи што ги освојуваат врвовите на музичката сцена во целиот регион, а од таа листа во програмата за годинашното издание прв се запишува „З++“, eдно од најперспективните хрватски музички имиња, кое доаѓа како хит од осиечката трап-сцена, но маестрално надминувајќи ги рамките на стилот. Или како што го нарекува критиката – волшебникот што сѐ прави сам: музика, текст, продукција, микс и мастеринг.
„Таксират“ почнува на 25 ноември со меѓународната ПИН-музичка конференција, во чии рамки ќе има 30 концерти, повеќе од 100 музичари, 200 делегати и гости од над 30 различни земји од светот.