Светлите бои на листовите што ја прават есента препознатлива и ѝ даваат шарм на сезоната, сè повеќе исчезнуваат како последица на климатските промени, предупредуваат експертите. Американскиот североисток е познат по црвените, портокаловите и жолтите есенски лисја, но поради климатските промени исчезнува неговата разновидност, што ја загрозува туристичката атракција „набљудување на лисјата“, што на регионот му носи приход од милиони долари.
– Поради климатските промени, сѐ помалку е веројатно дека во иднина ќе можеме да гледаме сцени со есенски бои. Треба да се поклопат неколку чувствителни фактори за да им се вратат живите бои на листовите што ги красат разгледниците од Нова Англија и да привлечат туристи да ги посетат државите како Вермонт, Мејн и Њу Хемпшир во октомври – вели шумски еколог Енди Финтон од „Заштита на природата“ во Масачусетс.
Правилната комбинација на летната температура и врнежите, како и пократките сончеви денови и постудените ноќи по летото, предизвикуваат распаѓање на хлорофилот во листовите, а со тоа и нивните жолти и портокалови пигменти, каротеноиди, кои се одговорни за златната боја на јасенот и брезата.
Но арбористите (професионалци за грижа за дрвјата) се многу позагрижени за друг, покомплексен хемиски процес, со кој листовите произведуваат шеќер заслужен за појавата на црвениот пигмент антоцијанин во листовите на шеќерниот јавор и нисата.
Комбинацијата од натпросечно топли денови, топли ноќи и облаци предизвикани од зголемените врнежи го забавува процесот на фотосинтеза, што го загрозува изгледот на омилената темноцрвена нијанса кај лисјата на набљудувачот.

– Бојата на листовите ќе стане уште попридушена – рече Финтон.
Еколозите велат дека климатските промени го поместуваат почетокот на есента наназад, што го отежнува предвидувањето кога ќе дојде времето за промена на бојата на листовите. А доколку дојде до ненадеен бран на студ, целата појава ќе трае пократко. Експертот за животна средина од универзитетот „Ричмонд“, Стефани Спера, го проучува влијанието на климатските промени врз есенското зеленило во националниот парк Акадија во Мејн.
– Можеме да забележиме дека промената на бојата на листовите се случува речиси цела недела подоцна отколку во 1950-тите години и сега започнува околу втората недела во октомври – изјави Спера.
Барбара Бруммер, теренски биолог, вработена во канцеларијата на „Заштита на природата“ во Њу Џерси, проценува дека оваа година промената доцнела најмалку две недели „во споредба со времето кога вообичаено се случувала пред 100 години“. Според арбористите, погубни ефекти врз состојбата на лисјата на дрвјата имаат екстремните временски услови. Обилните врнежи и силните ветрови во септември, предизвикани од ураганите, кои ги соголуваат гранките и уништуваат многу дрвја. Екологистите се загрижени и за феноменот на изгорени лисја што се појавил ова лето како последица на превисоките температури, кои ги изгореа листовите и им го одзедоа пигментот. Тие тврдат дека треба да се намалат и емисиите на јаглерод за да се зачуваат шумите и да се заштитат листовите и дрвјата.