Од ЕВН информираат дека и во последниот случај неодамна бил пробиен кабел и тие морале со мерно возило најнапред да откријат каде е оштетувањето. Некој приватно копал за своите потреби за вода и го оштетил првиот кабел. Потоа пробил вториот кабел како последица на дополнително оптоварување на мрежата и граѓаните останале без струја

Старо-нови проблеми за електродистрибутивната мрежа

Копањето во сопствените дворови при градба на куќа или, пак, за други лични потреби низ земјава, без да се побараат надлежни институции што имаат податоци од подземниот катастар, води кон сериозни оштетувања на електродистрибутивната мрежа. Минатата недела, како последица на копање без соодветна дозвола, во Бутел 2, беше оштетен подземен кабел на ЕВН, поради кој жителите на овој дел четири дена беа без електрична енергија или без фаза. Овој проблем со кој се соочуваат од ЕВН трае со години и, за жал, како што нѐ информираат оттаму, освен што резултира со пријави во полиција нема некој посериозен ефект. Граѓаните си тераат по старо.

Четири дена топло-ладно со струјата

Скопје е град каде што секој си зема за право кога сака и каде сака да копа, без притоа да побара информации за локацијата за да дознае дали на тоа место минуваат водоводни или електродистрибутивни мрежи.
Како последица на тоа, честопати се случува да дојде до оштетување на мрежата, па граѓаните ни криви ни должни со часови, па и со денови остануваат без струја и вода.
Таков беше неодамнешниот случај во скопски Бутел 2, каде што граѓаните останаа четири дена без струја или, пак, без фаза.
– Најпрво ни снема фаза. Во домот немавме осветлување и некои штекери не ни работеа. Така беше ситуацијата некаде од 16 часот и така и остана до крајот на денот. Утредента целосно останавме без струја. Се јавивме во ЕВН, од каде што ни одговорија дека постои оштетување на подземен кабел и оти работат на санирање на дефектот. Тој ден попладнето конечно добивме струја, но уште утредента утрината повторно останавме без фаза и утредента повторно без струја. Повторно се јавивме во ЕВН, од каде што ни одговорија дека процедурата е таква што мора да поминат со мерно возило за да најдат каде е оштетениот кабел. Сето тоа траеше, но немавме избор – вели М.З., жителка на Бутел 2.

Редовен проблем

Во обид да дознаеме за каков проблем станува збор, бидејќи вообичаено е на овој начин да снемува струја само во зимските месеци кога струјата е преоптоварена поради ниските температури, а не во овој период кога температурите се мошне високи, се обративме до ЕВН.
Оттаму ни одговорија дека станува збор за оштетен подземен кабел како последица на пробиен кабел од некој што копал, а не знаел каде да копа.
– Беше пробиен кабелот и ние моравме со мерно возило најнапред да дознаеме каде е оштетувањето. Некој приватно копал за своите потреби за вода и го оштетил првиот кабел. Потоа проби вториот кабел како последица на оптоварување – нѐ информираа од ЕВН.
Велат дека често се случува некој на овој начин да копа и да направи соодветно оштетување на електродистрибутивната мрежа.
– Сите што оштетуваат кабли ги пријавуваме во полиција, повикуваме полиција за да го најдат сторителот. Потоа се води постапка. Ние по службена должност, законски, мора да го направиме тоа, но тука завршуваат нашите надлежности – велат од ЕВН. Д.Т.З.