Меѓу хитовите е и „Милена, генерацијо“, песна што Дујмиќ ја напишал за девојка од Неготино, а „Кроација рекордс“ направи лирик-видео за песната, со снимки на здравствени работници, како благодарност за целата нивна посветеност

Во чест на големиот композитор Рајко Дујмиќ, кој минатата година почина од последици на сообраќајна несреќа, „Кроација рекордс“ ја објави неговата антологија со пет компакт-диска. Во книшката што е дел од антологијата се наоѓаат приватни фотографии од детството на композиторот и три песни што се објавени првпат. Бокс-сетот содржи 91 песна и е пресек на музичката биографија на овој извонреден композитор, чии песни обележија многу генерации и одамна важат за евергрини.
– Рајко Дујмиќ-Лима, како што го нарекуваа неговите пријатели, беше музичко чудо од дете, а својот прв хонорар од музика го заработил на тринаесет години. Големиот композитор поголемиот дел од својата кариера го помина во групата „Нови фосили“, во која и членуваше, но неговиот композиторски потенцијал и младешко љубопитство беа толку големи што неговите песни ги обележија кариерите на многу реномирани пејачи, како Јасна Злокиќ, за која ја компонира „Скитница“, Неда Украден („Врати се с кишом“), Јасмин Ставрос („Уморан сам“) и многу други. Меѓу добро познатите хитови е и дуетот на Арсен и Габи („Љубим твоје лијепе боре“), како и најновиот „Сусрет“, испеан од Иванка Боjковац и Дарко Домијан. Во музичките анали ќе остане запишано дека заедно со Стево Цвикиќ, Рајко пред 31 година ја напиша песната „Rock me“, за тогаш непознатата група „Рива“, која до денес останува единствената група што ја донесе „Евровизија“ во Загреб во 1990 година – вели Иван Бечковиќ, претставник на „Кроација рекордс“ во Македонија.

Песната „Милена“, една од култните во оваа антологија, Рајко Дујмиќ ја напишал за вистинска личност – медицинска сестра од Неготино, но тој секогаш истакнувал дека тоа е посвета за сите медицински сестри. Текстот за оваа прекрасна балада, која сѐ уште е голем хит во регионот, го напиша Зринко Тутиќ. Инаку, неготинката Милена Радман е веќе во пензија, а работниот век го завршила во Фондот за здравство во овој град. Иако имала многу понуди за интервјуа, таа никогаш не прозборела јавно за своето познанство со Дујмиќ. Тие се запознале на почетокот на 1980-тите во Херцег Нови, по концерт на бендот.
– До утрото седев со една Милена, моја генерација, и разговаравме. Ѝ реков дека ќе заврши во песна, но таа не ми веруваше, мислеше дека тоа ѝ го кажувам на секоја девојка. Ѝ додадов: „Сега ќе се разделиме и можеби никогаш повеќе нема да се сретнеме, но ти ќе видиш дека јас не лажам“. По две години дојдовме во спортската сала во Неготино во рамките на турнејата, која го носеше името „Милена, генерацијо“. Ми пријде човек од обезбедувањето и ми кажа дека ме бара жена со две деца и маж што тврди дека ме познава. Тоа беше мојата Милена. Се расплака и ми рече дека не може да поверува како е можно ова – изјавил своевремено Рајко Дујмиќ.

Големиот хит „Милена, генерацијо“ е дел од албумот „Послије свега“, објавен во 1983 година. Во чест на големиот композитор Рајко Дујмиќ, „Кроација рекордс“ направи лирик-видео за песната „Милена“, со снимки на здравствени работници, како уште една благодарност за целата посветеност и напори со кои се соочија изминатата година.