Пешачењето е една од најлесните физички активности, па затоа не е изненадувачки што е толку популарно меѓу луѓето што сакаат да останат во добра форма. Кога сте под стрес, ништо не може да релаксира како долга прошетка, било во природа или во град.
Одење со одредено темпо и здрава исхрана помагаат да изгубите тежина или да одржите добра форма. Најдобро е да ја правите оваа активност рано наутро, бидејќи телото тогаш најдобро реагира. Не сите луѓе се утрински типови, но факт е дека раното станување има свои предности – имате повеќе време да се опуштите и да правите работи што му одговараат на вашето тело. Тоа вклучува приготвување здрав појадок, туширање, слушање музика, вежбање и секако – одење.
Прошетка од 40 минути, трипати неделно, треба да биде составен дел од вашата здравствена заштита, бидејќи на тој начин ќе ги подобрите вашата меморија и физичката подготвеност. Ова е најлесниот и најприроден начин за оние што сакаат да изгубат тежина.
За добар дневен тренинг се доволни 10.000 чекори, што не е многу и недостижно како што изгледа. Брзата прошетка од најмалку 40 минути може да согори повеќе маснотии отколку трчањето. За време на трчањето, срцевиот ритам е висок и доведува до согорување претежно на шеќер, додека за време на одење срцевиот ритам е помал, така што телото ги користи мастите како гориво.
Пешачењето го стимулира производството на хормонот инсулин, кој ги разградува шеќерите и спречува дијабетес. Неколку студии потврдуваат дека брзото одење го намалува ризикот од развој на дијабетес тип 2, со двојно зголемување на чувствителноста на инсулин, дури и кај луѓе што имаат генетска предиспозиција.
Покрај тоа, пешачењето ја подобрува циркулацијата и со тоа го спречува задржувањето на водата во организмот. Заедно со пливањето, одењето е физичка активност што е добра во борбата против целулитот. Брзо одење ги развива и зајакнува срцевите мускули и ја подобрува циркулацијата на крвта, што е многу важно доколку имате срцеви проблеми.
Прошетка од најмалку 40 минути со брзо темпо ослободува ендорфин и серотонин, два хормона што се неопходни за борба против стресот. Пешачењето им помага на луѓето што страдаат од вознемиреност, бидејќи на тој начин се ослободуваат од стресот и се релаксираат.