Една белгиска антикварница деновиве се најде во центарот на вниманието, бидејќи изложи многу несекојдневен и оригинален предмет. Станува збор за неверојатен албум со фотографии од 1990-тите години, на кои се документирани средбите на една обична средовечна госпоѓа со врвот на уметничкиот џет-сет.
Кога вработените во познатата антикварница во предградието на Антверпен ја добиле необичната кутија со донации, веднаш знаеле дека станува збор за нешто посебно. Од фотографиите во стариот албум се насмевнуваат величини какви што се Харисон Форд, Том Круз, Стивен Спилберг, Софија Лорен и многу други, овековечени во ерата пред појавата на дигиталните камери. Тука се Илајџа Вуд како дете, Брус Вилис со коса и Вил Смит на почетоците од неговата блескава актерска кариера. Импозантни се сликите на кои позираат младиот Џони Деп, преубавата Дру Баримур, легендата Кирк Даглас, сексапилната Памела Андерсон и кој ли уште не. Уредно сместени во едноставен албум со корици, кои имаат цветен дезен, овие мали уметнички дела прикажуваат околу 200 најпознати светски личности, прегрнати со една ниска и полничка, скромно облечена анонимна жена, која секогаш со истата весела, непретенциозна насмевка гледа во објективот на фотоапаратот, без да покаже некаква особена импресионираност од ѕвездите што стојат покрај неа.
Фотографиите мирисаат на носталгија, враќајќи нѐ во некои сосема други времиња, кога сѐ беше некако поедноставно, па дури и славните актери и актерки – помлади, поедноставни, природно насмеани и секогаш подготвени да застанат до обични луѓе, небаре ги познаваат цел живот. Во однос на содржината, речиси сите слики личат една на друга – гледаме средовечна жена што позира до некоја славна личност, вообичаено стоејќи пред еднолична заднина во форма на празен, бел ѕид или обоени завеси. Токму оваа пријатна за око едноставност прави тие да изгледаат како вистински ремек-дела на ликовната уметност.
И овде доаѓаме до прашањето, која е жената и како успеала да запознае, или барем да стапи во контакт со половина од холивудските ѕвезди?
Во обид да ја идентификува мистериозната жена и да им го врати албумот на оние на кои им припаѓа, антикварницата почна да ги објавува фотографиите на својата фејсбук-страница. Се разбира, тие веднаш масовно се проширија на интернет и го обиколија светот, па, така, се најдоа и луѓе што дојдоа до точни податоци за идентитетот на „госпоѓата со цветните фустани“. Имено, на сликата со актерката Џејн Сејмур, жената носи налепница, на која јасно пишува: Мариа Снојс-Леглер, членка на холивудската Асоцијација за странски печат. Оваа асоцијација е задолжена за организација на „златен глобус“, а нејзините членови присуствуваат на престижни телевизиски и филмски настани, пред да го дадат својот глас за едно од номинираните дела, оттука и објаснувањето за лесниот пристап на Снојс-Леглер до толкав број славни личности и ѕвезди. Наедно, се откри дека таа починала во 2016 година, на возраст од 87 години. Откако беше откриен идентитетот на жената чии фотографии станаа вистински куриозитет, белгиската антикварница успеа да ја пронајде и нејзината ќерка, која живее во Калифорнија и наскоро ќе го добие во наследство фотоалбумот на својата мајка.
В.Б.Н.