Нови видови органски соединенија се откриени на природниот сателит на Сатурн, Енцелад, при голема мисија за потрага по вонземски живот, објави НАСА. Научниците го опишаа ваквото откритие како многу важен дел од сложувалката, кое можеби ќе покаже дека некаде и на друго место постои живот во нашиот Сончев Систем.
Енцелад се смета како еден од најдобрите кандидати за пронаоѓање живот во Сончевиот Систем. Новото откритие веројатно ќе доведе до понатамошно истражување за да се открие мистеријата околу тоа што се крие под површината на оваа месечина. Длабоко под ледените праисториски океани на Енцелад можеби се наоѓаат основните елементи за создавање живот, пренесе „Индипендент“.
Истражувањето предизвика и нови прашања околу тоа дали човештвото е осамено во вселената. Анализирајќи го големото количество податоци испратени од сондата „Касини“ на НАСА, научниците открија дека Енцелад испушта нови видови органски материи, кои се ослободуваат од подземните океани во замрзната состојба. Таквите супстанции би можеле да претставуваат идеални претходници за синтеза на биолошки релевантни органски соединенија, вклучувајќи и аминокиселини, кои ги сочинуваат протеините и играат многу други улоги во животот.
Новите откритија потекнуваат од мисијата „Касини“, која заврши во 2017 година, кога леталото слета на површината на Сатурн. Но пред да го стори тоа, леташе низ ерупциите што избиваа од кратерите на површината на Енцелад, испраќајќи податоци за нив назад кон Земјата, кои сѐ уште се истражуваат од страна на научниците.
Таквите ерупции се исфрлаат од моќни хидротермални отвори, кои испуштаат материи директно од јадрото на месечината. Понатаму тоа се меша со вода и се исфрла во вселената во вид на водена пареа и ледени зрна. Молекулите што биле најдени во тие ледени зрна се открило дека се материи што содржат азот и кислород. На земјата овие материи се активни во хемиските реакции што можат да произведат аминокиселини.
Тоа се основните компоненти за создавање живот, а таквиот процес помага во креирање на сите живи суштества на Земјата. Слични хидротермални отвори на Земјата испуштаат енергија што ги разгорува таквите важни реакции. Отворите на Енцелад можеби го прават истото тоа, помагаат да се создадат аминокиселини, а сето тоа изгледа оптимистичко за тоа дека под нејзината површина би можело да дојде до развој на живот.
– Доколку овие претпоставки се точни, ваквите молекули, кои доаѓаат од длабочината на океанот на Енцелад, можеби ја имаат истата реакција како тука на Земјата. Ние сѐ уште не сме запознаени дали аминокиселините се потребни за создавање живот надвор од нашата планета, но откривањето молекули што формираат аминокиселини претставува важен дел од сложувалката – вели Нозаир Каваја, кој го предводи тимот научници од истражувачкиот универзитет во Берлин.
Научниците претходно веќе открија големи, нерастворливи комплексни органски молекули за кои се мислеше дека лебдат над океанот на месечината на Сатурн.
– Овие нови откритија укажуваат на тоа дека океанот на Енцелад изобилува со основните елементи за создавање еден живот, што е зелено светло за понатамошно истражување на можноста за развој на животот на оваа месечина -истакна научникот Френк Постберг.