За списанието „Форбс“, аналитичарите пресметале дека музичката индустрија ќе изгуби околу 5 милијарди долари. А со истата загуба се соочува и филмската индустрија
Хаос во музичката индустрија
Откажаните или одложените концерти, фестивали, претстави и други културни манифестации, како претпазливост против потенцијалната здравствена криза предизвикана од коронавирусот, се сурова реалност со која целата планета се соочува веќе со месеци. Ова е почеток на хаосот – реченица со која накратко може да се сумира моменталната состојба во музичката и концертната индустрија. Откажување и одложување концерти, турнеи, фестивали, поради стравувањата од зараза на посетителите со коронавирусот, е само, како што се предвидува, врв на ледениот брег што нема да донесе ништо добро.
Наглото одложување на фестивалите, како што е американскиот „Коачела“, прекинувањето на одамна закажаните турнеи на светските ѕвезди како Мадона, Сантана, Тејлор Свифт или бендот „Грин деј“ и „Перл Џем“, што се случува скоро од час на час, ја доведуваат музичката индустрија на работ на бездната.
Концертната индустрија, која е една од најпрофитабилните индустрии во светот и на годишно ниво носи најмалку 25 милијарди долари, силно е потресена од пандемијата на коронавирусот.
Како пример за астрономска заработка може да послужи еден од најпопуларните американски фестивали „Коачела“, кој е одложен за октомври. Минатата година, овој музички фестивал привлече повеќе од 600.000 посетители, а имаше заработка дури од 1,4 милијарда долари.
Во оваа ситуација агентите за резервации, менаџерите и сопствениците на објектите каде што требаше да се одржат концертите, според списанието „Ролингстоун“, не знаат што им се случило. Исто е и со музичките уметници.
– Иако сме свесни за општествената одговорност дека треба да ја заштитиме публиката, ова е огромен удар за сите уметници, особено за оние независните. Никој нема кристална топка да предвиди што ќе се случи, но се надевам дека оваа состојба ќе може да се реши до летово – вели во изјава за „Ролингстоун“, Зена Вајт, директорка на независната издавачка куќа „Партизан“, под чие покровителство се имиња како Лора Марлинг и „Блек енџлс“.
Според неа, треба што побрзо да се размисли за нови начини на работење и како иновативен пример ги наведе кинеските уметници, кои одржуваат концерти од своите спални соби, потег на кој се одлучи и италијанската ѕвезда Џана Нанини, најавувајќи дека ќе настапи во својот дом и ќе го пренесе во живо настапот на интернет.
Додека организаторите на најголемиот британски музички фестивал „Гластонбери“ сè уште не се огласиле, и покрај прогласената пандемија, тие сепак планираат да го одржат јубилејното издание на настанот во јуни, а пред одлуката на менаџментот на „Коачела“ да го одложи фестивалот, тој одржа голем број разговори со уметници чии настапи се најавени.
– Сè е во целосен хаос. Последен пат кога разговарав со мојот агент за Европа, пред почетокот на коронавирусот, тој веќе ги закажуваше концертите за ноември следната година. Знаете, големи фестивали се планираат повеќе од 12 месеци. И сега испланирајте ги повторно, сфатете како и што да правите следно, тоа е како сите пропаднати домино-коцки да се срушат одеднаш – вели Лора Џејн Грејс од групата „Агеинст ми“ и додава дека последиците од овој вирус не само што се откажани концерти и гостувања, туку дека тој исто така има негативен ефект врз дискографијата.
За списанието „Форбс“, аналитичарите пресметале дека музичката индустрија ќе изгуби околу 5 милијарди долари. А со истата загуба се соочува и филмската индустрија, со оглед на тоа што се одложени премиерите на неколку холивудски блокбастери, како што е најновото продолжение на филмот за Џејмс Бонд „Нема време за умирање“, како и снимањата на многу филмови.