„Д Планктонс“ е сурф-рок бенд од Скопје кој постои од 2015 година и досега зад себе има едно ЕП со наслов „El Plankton“ од 2016 година. Најновата постава на бендот се состои од тапанарот Марко Трендафиловски, басистот Дарко Поповски и гитаристот Оливер Јаниќијевиќ. Низ краток разговор им постативме неколку прашања во врска со бендот, подготовката на нивниот албум и жанрот кој го свират.
На почетокот кога го формиравте бендот, имавте различна постава, а потоа и саксофонист во бендот. Каква ви беше првата замисла, како дојде до формирањето на бендот?
М.Т.: Првата замисла ни беше само да имаме бенд, не е битно каков. После извесно време свирење и правење проби со тенденција да стигнеме до некаков жанр, односно да имаме фраерски жанр со кој можеме да правиме пари и да бркаме девојки. Подоцна сфативме дека за да го правиме ова, најбитно од сѐ е да се сака, постојано, искрено и безрезервно да се создава музика. Така непосредно по формирањето на бендот во нас проработе она увство на „Еј јас никогаш нема да престанам да свирам“. Тогашниот гитарист Вици предложи да свириме сурф-рок. Вици научи два акорди на гитара, седнав позади тапаните и понавме да свириме. Подоцна го приклучивме Даре на бас. Тоа е првата година кога почнувавме да го пронаоѓаме звукот. Потоа во бендот дојде Филип Петрески на саксофон но и набрзо замина. Замина и гитаристот, а на негово место дојде Кристијан Караџовски, па тој период се стекнавме и со малку поразлиен стил на сурф, со поразлична боја на жанрот.
Имате повеќе настапи, главно низ Македонија. Дали имате настапувано надвор од државата?
Д.П.: Имаме еден настап во Белград, во „Рокање“, клуб што се наоѓа на улица Цетињска бр. 13.
М.Т.: Рамбо Амадеус ни беше на свирката, го видовме!
Свирите инструментална музика. Сте размислувале ли некогаш да вклучите и вокал во некоја песна?
Д.П.: Секогаш и секако, отворени и расположени сме за соработка.
Кои бендови ги слушате периодов?
О.Ј.: Слушам музичари од секој жанр на музика.
М.Т.: Слушам музика од повеќе жанрови, главно музика која не му пречи на моето уво и таа музика ми е секогаш добредојдена. Исто така ги слушам повеќето од нашите артисти и бендови.
Д.П.: Немам конкретна група бендови кои ги слушам постојано. Се трудам секогаш да пронаоѓам и да слушам нова музика.
Покрај вас и бендот „Молокаи“, нема друг македонски бенд што свири сурф-рок кај нас. Како публиката реагира на вашата музика?
М.Т.: Кај нас нема, но има во соседството, во Србија и Хрватска. Бендот од Хрватска, „Бамби Молестерс“, мислам дека имаат издадено песна за серијата „Брејкинг Бед“, со наслов „Хаотика“. Публиката реагира како и на другите бендови, самиот жанр се заснова на енергија без некоја посебна обработка на социјални теми, музиката пред сѐ е инструментална. Тенденција ни е луѓето да се забавуваат и да танцуваат, а публиката реагира баш така, весело и со позитивна енергија.
Покрај активностите со бендот „Д Планктонс“ имате ли некои други проекти или активности надвор од бендот?
Д.П.: Сега за сега сме студенти и колеги од академија. Јас немам други бендови.
О.Ј.: Освен што свирам во „Д Плактонс“, работам како наставник по гитара, се занимавам исто со цртање и сликање. Исто така, имаме трио што се вика „Бејзик трио“, бидејќи сите сме на џез академија.
Има ли бендот некое мото или филозофија?
М.Т.: Филозофијата на бендот е да се основа другарство. Мислам дека сме едни од ретките што веруваат во тоа. Мора да постои добро другарство за да има бенд.
О.Ј.: Се сложувам со тоа, ако не се поднесувате како луѓе, тешко ќе опстанете како бенд.
М.Т.: Тоа е мотото, играјте, смејте се, живејте, дојдете ни на настап!
Во врска со сцената во Македонија, има бендови – нема публика, или обратно?
О.Ј.: Бендови имало и ќе има. Е сега, колку публиката знае за нив, тоа е друго прашање. Би рекол дека нема публика. Голем број од луѓето го земаат она што им се сервира како музика. Дали немаат желба или немаат време самите да побараат и да откријат бендови, важно секогаш го земаат она што им се сервира.
М.Т.: Мислам дека треба да ја разбудиме публиката.
Д.П.: Треба да има повеќе медиумска покриеност, има бендови што нон-стоп работат.
Замисла за совршен концерт?
М.Т.: Секој концерт ни е совршен. Нашиот следен совршен концерт ќе биде на 20-ти април во „Биртија Паб“, на концертната промоција на нашиот албум „Денес“.
До каде сте со подготовка на албумот?
О.Ј.: Албумот сѐ уште е во изработка. Се состои од десет песни, седум од нив се сурф-рок, назад кон корењата, а останатите три се малце поескпериментални.
М.Т.: Но сите припаѓаат на жанрот што го свириме, сите песни на крајот се вклопуваат во албумот без ниту една да „штрчи“ и без ниту една да му го измени стилот на нашиот бенд „Д Планктонс“.
Кој Ви бил најголем предизвик досега?
М.Т.: Тоа што сега ни се случува, а тоа е снимањето албум.
Д.П.: Во споредба со еп-то, навистина е голема разликата, снимањето албум е поголем предизвик.
Порака до публиката?
„Д Планктонс“: Слушајте музика, откривајте нови бендови и дојдете ни на концерт во април, ќе си поминете супер!
Дали знаете да сурфате?
„Д Планктонс“:Знаеме да сурфаме само на интернет…