Есенско цвеќе за нежен изглед на домот
Есенските билки може да внесат нежност и свежина во домот, а едно од таквите цвеќиња е лунарија. Нежни, магични, сребрени, слични на месечина се цветовите на билката, која е позната и по името сребренка, месечина, Јудин цвет или сребрен дукат. Пазарите со цвеќиња деновиве се полни со вакви букети. Тие се во последната фаза на развој и се чуваат како суви билки или букети. Оваа билка е распространета низ цела Европа. Има и лековити својства. Во некои руски медицински книги е забележано дека има диуретично и седативно дејство. Интересен е и фактот што овие билки налето се толку поинакви што нивниот лик наесен драстично се менува
Со своите листови во форма на срце и со мирисливите цвеќиња, со димензии од 2 до 3 сантиметри, во бела, виолетова или црвена боја, го привлекуваат вниманието и на инсектите и на луѓето од април до јуни. И покрај украсните цветови, има и плодови. А освен што диво растат по полињата, сѐ почесто многу љубители на цвеќиња почнуваат да ги чуваат и дома. Ако веќе полека почнавте да ги „облекувате“ вашите домови во есенска облека, ова суво растение е идеален избор што трае долго и внесува нежност и магија.