МЕД и НП Маврово изработија акциски план за заштита на балканскиот рис до 2020 година
Систематски активности за заштита на балканскиот рис на подрачјето на националниот парк Маврово се предвидени со акцискиот план направен од Македонско еколошко друштво и ќе се спроведува до крајот на 2020 година. Овој документ беше изработен и ревидиран во партнерство меѓу МЕД и НП Маврово и други релевантни партнери од земјава и странство вклучени во програмата за зачувување на балканскиот рис.
– Главната цел на акцискиот план е да се даде значителен придонес кон заштитата на популацијата на критично загрозениот балкански рис. Акцискиот план е оперативен документ во кој се наведени конкретни активности и мерки, како и нивни финансиски и временски рамки. Акцискиот план главно се однесува за јадровото подрачје на популацијата на рисот, кое моментално се наоѓа на територијата на НП Маврово, а се предвидени активности во доменот на мониторинг на неговиот плен, едукација и издигнување на јавната свест, воспоставување безбедни коридори за крупните цицачи, прекугранична соработка и слично – изјави Диме Меловски, раководител на програмата за зачувување на балканскиот рис од Македонското еколошко друштво.
Инаку сегашната состојба со рисот во Македонија е загрижувачка. Со најновите процени, популацијата на рисот во целиот негов потенцијален регион на Jугозападен Балкан изнесува околу 40 возрасни единки. Оваа процена е добиена благодарение на директното пребројување на единки во јадровото подрачје – НП Маврово и нивна понатамошна екстраполација низ преостанатите погодни живеалишта.
– Пребројувањето на единките се вршеше со помош на светски прифатениот метод на фотозамки во 2008, 2010, 2013, 2015 и 2018 година. Во Националниот парк и неговата потесна околина се среќаваат помеѓу 10 и 18 риса, со просечна густина од 1,7 рис на 100 квадратни километри. Фактот дека популацијата е помала од 50 возрасни единки го сместува балканскиот рис во категоријата на критично загрозен (ЦР), според еден од критериумите на Меѓународната унија за зачувување на природата и како таков е ставен од 2015 година на црвената листа на ИУЦН – додаваат од МЕД.