На годинашното 19-то издание на литературната манифестација „Илинден“ беше промовирана најновата поетска стихозбирка „Сончев дворец“ на писателот Перо Миленкоски, што ја издаде книгоиздателството „Александар/Александар“. Миленкоски својот професионален пат го почна како учител, а потоа долги години работеше како соработник, а потоа и уредник на додатокот за деца „Колибри“ во весникот „Нова Македонија“.
Стихозбирката „Сончев дворец“ е најобемен ракопис на Миленкоски, кој, според рецензентот на книгата Веле Смилевски, „поседува едно повисоко уметничко ниво, како во третирањето на мотивите, така и во строежот на стихот“. На промоцијата, стихови од книгата прочитаа ученици, членови на литературни секции од повеќе училишта, а за стихозбирката говореше писателот Горјан Петревски.
– Миленкоски, како ретко кој поет во нашата литература, има неизнасилена и спонтана лирика, која не може, а да не допре до оние што ја читаат. Песните во „Сончев дворец“ се слеваат во препознатливиот дух на поетот, а трите циклуса, колку што се сродни, толку и тематски се разликуваат, но заедничка им е суштината и пораката – посочи Горјан Петревски.
Перо Миленковски, пак, обраќајќи им се на децата што во голем број беа присутни на промоцијата, им порача да го следат својот сон, но и да бидат искрени со себе. Тој рече дека сѐ уште го чува детето во себе, кое е љубопитно и со немирен дух, па и покрај зрелите години секојдневно учи. Одговарајќи на прашањата на учениците, тој рече дека поетот секогаш светот го гледа со поинакви очи, дека тој може да напише песна и за една обична тревка, тополата за него е стојна девојка, а реката самиот живот.
– Јас кога бев како вас, драги деца, многу читав, и секако, од сето тоа многу учев. Особено бев воодушевен од Ванчо Николевски, со кого имав чест да соработувам. Никогаш нема да заборавам како тој ги маѓепсуваше децата со своите настапи, па и самиот се трудам да го задржам вниманието на младите читатели во контактите со нив – рече Миленкоски.
На промоцијата беше означен и почетокот на одбележувањето на големиот јубилеј, 60 години од излегувањето на првиот број на додатокот за деца „Колибри“ во нашиот весник. На присутните ученици им беа поделени броеви од месечникот „Колибри +“, а за овој единствен прилог за најмладите читатели во дневниот печат во земјава, говореа и Горјан Петревски, Перо Миленкоски и сегашната уредничка, Марија Таушанска.