Оркестарот на Филхармонијата, вечерва, во 20 часот, ќе го одржи концертот „100 метрономи“, кој ќе го води диригентот Габриел Бебешелеа, а како солист ќе настапи пијанистот Андреj Коробејников од Русија. На програмата се вториот став од Симфонијата бр. 101 „Часовник“ од Хајдн, Концертот за пијано и оркестар бр. 5 и Симфонијата бр. 8 од Бетовен и Симфониската поема „100 метрономи“ од Лигети.
Унгарскиот композитор Герг Лигети го напишал делото „100 метрономи“ во 1962 година. Изведувачи на делото се 100 метрономи, за кои Лигети напишал партитура и инструкции како треба да „свират“. Делото го изведуваат десет музичари, кои имаат по 10 метрономи што ги местат на знак на диригентот, според инструкциите што ги запишал Лигети. Композицијата звучи како вистинска ракета од какофонични звуци.
Андреј Коробејников ја започнал музичката кариера на возраст од осум години, кога во Баку се претставил со својот прв рецитал. Оттогаш до денес одржал голем број концерти низ светот и соработувал со познати диригенти, како што се: Јуриј Темирканов, Владимир Ашкенази, Иван Фишер, Око Каму, Питер Старк, Александар Рудин, Росен Гергов, Максим Шостакович итн. Во своите настапи, Коробејников бил придружуван од повеќе оркестри, како: Лондонскиот симфониски оркестар, Националниот оркестар на Франција, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Чешкиот филхармониски оркестар, Токискиот филхармониски оркестар итн.

Во 2000 година бил избран за доживотен член на Одделот за уметност при Интернационалната академија на науките во Сан Марино. Критиката го нарекува атипичен уметник што прави совршени рецитални програми, во кои поезијата и литературата се спојуваат со музиката.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонијата. Музичката репутација на Габриел Бебешелеа брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и на публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите. Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2014 година ќе ја добие наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа. Во 2015 година, Бебешелеа работи со едни од најценетите диригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк. Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар.


Мултимедијална продукција за млада публика

„Ритамот во себе“ е мултимедијална продукција за млада публика на возраст од 11 до 14 години, која премиерно ќе биде изведена в сабота, во 12 часот, во Камерната сала на Филхармонијата. На програмата се делата за перкусии во изведба на Антоние Весковски, Благоја Антовски, Атанас Алексов, Влатко Митев, Иван Узунов, Теодор Теодосиевски, Зорица Здравковиќ и Кораб Хајдари. Визуализацијата е на Емил Петров и Доријан Миловановиќ.
Филхармонијата, која годинава концертната сезона ја реализира под мотото „Филхармонија во движење“, се приклучува во борбата против загадувањето, а во исто време дава порака дека животот е движење. Токму темата за климатските промени и човекот како најголем импакт-фактор (фактор на влијание) се инспирација за создавањето на оваа музичка приказна, која за крајна цел го има будењето на индивидуалната свест.