На 148-то Генерално собрание на делегатите, кое се одржа месецов во Зофинген, Швајцарија, професорката Зорица Каракутовска беше избрана за потпретседателка на Светската унија на хармоникашите. Во извршниот комитет на Унијата, претседателот има тројца потпретседатели, од кои другите двајца беа реизбрани. Светската унија на хармоникашите е основана во 1935 година во Париз првично од три земји, Франција, Германија и Швајцарија. Под сегашното име, унијата е реконституирана во мај 1948 во Лозана, Швајцарија. Таа е организатор на најголемиот и најпрестижен светски натпревар за хармоника, „Купе мондиале“, кој секоја година се одржува во различна земја од светот. Овој натпревар претставува своевидна Олимпијада за хармоника, а досега двапати наши претставници се вбројуваат во првите три места. Оваа година, во Зофинген, Швајцарија, се одржа 75-от јубилеен натпревар.
Здружението „Љубители на класична музика“, пак, е член на Светската унија на хармоникашите од 2001 година. Од основањето до денес, здружението успешно работи на презентација на македонските изведувачи на класична музика на хармоника, го поддржува и презентира македонското творештво за овој инструмент, ги афирмира македонските изведувачи на домашната и на светската сцена и остварува културна соработка со меѓународни организации и асоцијации.
– Благодарение на континуираните успеси во светот на хармониката, нашето здружение има највисок статус во Унијата. Во период од 2006 до 2010 година, професорката Каракутовска беше членка на Музичкиот комитет на Светската унија на хармоникашите. Тогашното раководство на унијата е заслужно што во 2009 година (180-от роденден на хармониката) се донесе одлука 6 мај да се прогласи за Ден на хармониката, бидејќи на тој датум во 1829 година е патентирана првата хармоника. Нашето здружение од самиот почеток се приклучи кон меѓународниот проект и годинава по 14-ти пат организираше свечен концерт по тој повод. Горди сме што оваа манифестација во Македонија прерасна во своевиден бренд, настан за кој секогаш се бара карта повеќе.
Годинава имавме особена чест и задоволство да ни гостува претседателот на Светската унија на хармоникашите, Мирко Патарини од Италија, кој во оваа пригода премиерно го изведе делото „Дафино“ од македонската композиторка Бете Илин – велат од здружението што има организирано голем број концерти во Македонија и настапи на концерти во Финска, Италија, Бугарија, Србија и во САД.
Зорица Каракутовска е професорка по хармоника и камерна музика на Факултетот за музичка уметност во Скопје и претседателка на здружението „Љубители на класична музика“. За својата успешна педагошка дејност, добитничка е на повеќе престижни признанија и награди. Меѓу нив се издвојуваат наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата за повеќегодишни успешни остварувања од областа на музичката педагогија доделена од Музичките и балетски педагози на Македонија и најпрестижната награда во светот на хармониката „Сиа мерит аворд“. Со доделувањето на оваа награда во 2017 година, во рамките на 70-от јубилеен натпревар „Купе мондиале“, Светската унија на хармоникашите ѝ оддаде признание на професорката Каракутовска за нејзината досегашна работа, со што ја вброи во елитата на светски професори и изведувачи на хармоника заедно со Вјачеслав Семјонов, Фридрих Липс, Владимир Зубицки, Јури Шишкин, Мика Ваиринен и др. Од јануари 2021 година, професорката Каракутовска е претседателка на Управниот одбор на Филхармонијата. Зорица Каракутовска се најде меѓу најдобрите светски современи хармоникаши во енциклопедијата „Акордион анд ворлдс бест контемпорари акордионистс“, во издание на „Тајмс сквер прес Њујорк“, која ја подготвиле група американски музиколози. Со нејзиното претставување во енциклопедијата се оддава почит кон македонската школа за класична хармоника, чиј основоположник е таа.