Фото: Македонска Филхармонија

На погрешна адреса упатуваат обвинување за мобинг и неправилно работење на Филхармонија. Има инстанци каде ова треба да се пријави, но не е решение собирање на потписи, кое што притоа е дискутабилно. Ова го истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, откако Синдикатот на Македонската филхармонија поднесе петиција до Министерството за култура, со барање за итно разршување на директорот Даниел Лазаровски, тврдејќи дека вршел мобинг врз вработените, пренесе „Макфакс“.

Костадиновска-Стојчевска рече дека пред избори се гледа шанса за да покажат моќ пред својот надреден, како што беше и случајот со НУ Џез оркестарот. Министерката додаде дека синдикатот на култура во Филхармонија ако има какви било сознанија за неправилности, има каде тоа да го пријави, а не со собирање на потписи, но и фалсификување на одредени потписи.

По нејзината изјава следеше реакција од Синдикатот. Од тука велат дека Костадиновска-Стојчевска преку својот коментар во медиумите се обидела да ја оспори петицијата потпишана од 100 вработени во институција за смена на в.д.директорот.

– Ова не е првпат министерката за култура да застане против вработените во Филхармонија, истото го стори и минатата година со Џез оркестарот, кога сакаше да го смести во објектот изграден наменски за потребите на нашата институција. И сега, повторно сака да ја изманипулира јавноста дека станува збор за сценарио, дека потписите биле фалсификувани и дека петицијата за смена на в.д. директорот е нелегитимна форма на официјална колективна молба – се вели во реакцијата.

Од Синдикатот понатаму додаваат дека петицијата за смена на директорот ја доставиле на вистинската адреса, бидејќи директорите на Филхармонија ги именува и назначува токму министерството, кое го назначи и Даниел Лазаровски.

– Наместо да работите против најстарата институција во државата, сега е вистинско време да покажете на дело дека имате доблест да си ги признаете грешките, бидејќи токму вие, во септември, минатата година го назначивте сегашниот в.д. директор на нашата институција – велат од Синдикатот до министерката.

Претходно реагираше и Лазаровски кој целосно ги отфрли обвинувањата на Синдикатот, меѓудругото коментирајќи дека извршувањето на работните обврски не е мобинг.