Стефанија Дејановиќ, авторка на дневникот „Планината во себе“
Стефанија Дејановиќ е планинарка и дигитална номатка. Нејзиниот ритам на живот наметнал постојана потреба од користење планери, дневници… Со години практикува пишување и планирање на денот, неделата, месецот, како класичен дневник, но и пишување во планери.
– Секој нов планер и дневник што го земав, го анализирав и гледав што би додала, а што би одзела за да се подобри корисничкото искуство. Со оглед на тоа што работам како дизајнер на корисничко искуство, ова ми е професионална „деформација“ и умот автоматски ми размислува на тој начин. Како што се запознавав себеси повеќе и ги полнев дневниците и планерите, со текот на времето се појави и идејата за креирање ваков продукт. Нешто што ќе им нуди поинакво искуство на корисниците, од тоа што моментално веќе го има на пазарот во Македонија – вели Стефанија.
Минатата година во Непал се нашла во ситуација да нема планер со себе и да мора да купи голема тетратка, па сама да прави (црта) темплејти, односно полиња за пополнување.
– Потребата за пишување, поставување цели и планирање, беше повеќе од само желба. Имав стекнато навика на тој начин да функционирам и за мене беше страшно што немав каде да пишувам. Па така, по еден месец секојдневно цртање квадратчиња и коцки за планирање на месецот, неделата, денот и рефлексијата, решив да седнам и целото знаење што го имам во областа на корисничкото искуство и човечка психологија да го искористам за градење на концептот за ваков продукт – додава таа.
Нејзиниот креативен и автентичен планер го носи името „Планината во себе“.
– Идејата за името доаѓа од мојата лична филозофија што ја имам за планината, како голем љубител на планински спортови. Секој предизвик со кој се соочувам, или цел што сакам да ја постигнам, ја гледам како уште еден планински врв што треба да го искачам. Што би бил планинскиот врв доколку би можел да се искачи лесно и брзо? Ниту воздухот на врвот не би бил толку сладок, ниту ние планинарите би уживале на ист начин во погледот од горе. Не е целта само да се стигне на врвот туку и самото искачување по стрмната патека е значајно. Таа патека ни помага да го откриеме својот потенцијал и да станеме подобра, похрабра и посилна верзија од себе. Што би била некоја цел доколку лесно можеме да ја постигнеме? Секоја цел што сакаме да ја постигнеме или предизвик што се обидуваме да го надминеме ни носи некое вредно искуство и знаење. Ние имаме одговорност и можност да избереме од која перспектива ќе гледаме и ќе размислуваме за истите тие. Преку овој процес ние стануваме позрели, поискусни и се доближуваме уште еден чекор кон најдобрата верзија од себе – посочува Стефанија.
Oвој начин на планирање и водење дневник ѝ помогнал многу последниве години, па решила да го сподели со сите.
– Придобивка од делот со планирањето што го воочив е зголемена самодоверба во процесот на правилно поставување цели. Добив јасна визија и слика за тоа каде сакам да бидам во иднина и како да стигнам до таму. Ми се олесни процесот на дефинирање на правилните чекори за остварување на целите. Ги зголемив својот фокус и концентрација на тоа што ми е важно во животот. Полесно донесување одлуки во секојдневието. Зголемена дисциплина. Со водењето дневник ја зголемив самосвесноста и се запознав себеси на повисоко ниво. Учејќи многу за себе, својот карактер и тоа што сум јас, ја зголемив самосвесноста, имам јасност за тоа што сум и на што треба да работам и да подобрам кај себе. Преку пишување и потсетување на најголемите достигнувања и успеси на неделно, месечно и годишно ниво се потсетувам на тоа дека можам буквално сѐ што ќе поставам како цел. Преку евиденција на предизвиците со кои сум се соочила и како сум ги надминала, се потсетувам дека секој предизвик ме научил нешто вредно, што ми помогнало уште повеќе да растам и да созреам. Крајната придобивка од ова е што градам начин на размислување да бидам благодарна за сѐ што ќе ми застане на патот, баш затоа што тие искуства ми носат поголема вредност, знаење, искуство на долг рок – вели Стефанија.
Целта на нејзиниот дневник е да им биде водич на сите што сакаат да креираат една поизвонредна верзија од себе. Односно личности што сакаат да одвојат 10-15 минути во денот да работат на себе и на својата личност.