Сезоната на Филхармонијата започнува на 10 октомври, со концертот насловен „Го славиме јубилејот“, на кој како солист ќе настапи нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, под диригентската палка на шеф-диригентот Јерухам Шаровски од Израел
Во концертната сезона 2024/2025, во која Македонската филхармонија ќе го прослави својот 80. роденден, како најстара културна институција во земјата, публиката ќе има можност да проследи разновидна и внимателно одбрана програма, солисти и диригенти. Новата сезона е насловена „Одисеја“, а симболиката на насловот се надоврзува на осумдесетте години активно музицирање на оркестарот и преку поднасловот – патување исполнето со музички авантури и предизвици. И насловите на концертите се извлечени од наслови на претходни сезони за да се сублимира осумдеценискиот континуитет на Македонската филхармонија.
Сезоната на Филхармонијата започнува на 10 октомври, со концертот насловен „Го славиме јубилејот“, на кој како солист ќе настапи нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, под диригентската палка на шеф-диригентот Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се и премиерна изведба на делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар од Ерих Корнголд и симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски. Премиерно, на овој концерт ќе се изведе и дело од македонски автор, кое ќе биде избрано на конкурсот за нарачка на композиции што Македонската филхармонија го објави во мај годинава.
На роденденскиот концерт на 28 ноември, насловен „80 години – Љубов“, како солист ќе настапи исклучителниот македонски пијанист Симон Трпчески, а диригент ќе биде Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се премиерна увертира од македонски композитор, Концертот за пијано и оркестар во А-мол од Едвард Григ, симфонијата бр.1 „Титан“ од Густав Малер.
– На сцената, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, во новата роденденска сезона ќе продефилираат уникатни индивидуалци, како пијанистите Лука Дебарг и Петер Лаул, извонредниот виолинист Сергеј Малов, кој наедно ќе се претстави како солист и диригент на концертот на 7 ноември, Роберт Бонфиљо – усна хармоника (САД), виолончелистката Моника Лесковар од Хрватска, виолинистката Алена Баева – Казахстан/Луксембург. На пултот пред нашиот оркестар за првпат ќе застане маестра Бар Авни од Израел, инаку лауреатка на престижниот натпревар „Маестра“ во Париз и асистентка на славната диригентка Барбара Ханиган, како и маестро Конрад ван Алфен од Холандија, нашиот диригент Борјан Цанев, маестро Лубнан Баалбаки од Либан и Емил Табаков од Бугарија – вели Александар Котевски, в.д. директор на Филхармонијата.
И во вториот дел од сезоната, од јануари до јуни 2025 година, ќе настапат исклучителни солисти и диригенти, како виолинистот Марк Бучков од Белгија, врвната Селина От (труба) од Австрија, еден од најдобрите пијанисти на денешнината – Дмитри Маслеев од Русија и други. На Велигденскиот концерт, насловен „Per aspera ad astra“ за првпат во Македонија ќе прозвучи Големата миса во Це-мол од Моцарт. Целосната програма на концертната сезона „Одисеја“ до јуни 2025 година наскоро ќе биде објавена и во каталог и на веб-страницата на Филхармонијата за публиката да може подобро да се запознае со настаните што се составен дел од јубилејната сезона. В.Д.