МСУ со еколошки проект

Музејот на современата уметност – Скопје започнува со реализaција на проектот „Пејзаж на вознемиреност“ (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени). Реализацијата на проектот започнува денеска, со работилница во Велес. Проектот се однесува на климатските состојби и еколошки предизвици што генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастирана животна средина, неконтролирани траектории на експлоатација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции.
– Главно прашање на проектот е како можат да придонесат институциите во културата и уметниците за справување со овие кризни состојби. Со овој проект, Музејот на современата уметност презема важна институционална улога сосредоточена на ефектите од климатските промени, погрешните локални политики, загадувањето на воздухот, депониите и губењето на биодиверзитетот. Во претстојниот период, проектот вклучува повеќе серии на работилници во Скопје, Велес, Битола и Преспа, кои ќе се реализираат во соработка со локални еколошки друштва и организации, преку кои новите генерации уметници, истражувачи и активисти во Македонија ќе се ангажираат во однос на животната средина и климатските промени – велат од МСУ.
Овој процес на едукација и размена на искуства ќе резултира со создавање колаборативни уметнички дела, публикација на рециклирана хартија, и изложба во Музејот на современата уметност во Скопје, во март 2023 година.

На првата работилница во Велес учествуваат: Тихомир Топузовски (раководител на проектот), Ивана Васева (кураторка), Кирил Арсовски (биолог и еколог), Денис Сарагиновски и Слободанка Стевчевска (ОПА, уметнички колектив), Ивана Мирчевска (уметницa), Дарко Алексовски (уметник), како и членови на еколошкото друштво „Вила зора“ од Велес. Учесниците во работилницата првин ќе одат во посета на неколку значајни локалитети во Велес: езерото Младост – Како човекот низ просторот и времето го менува и приспособува релјефот; „Топилница“ – Историските и моменталните траги од човечката индустријализација и во Велешки Ади, Градски парк – Историската и културолошкaта промена на потребата и начините на кои човекот ги искористува природните ресурси. Потоа, со почеток во 12 часот напладне, ќе се одржи работна сесија во Ликовниот центар на Народниот музеј во Велес, каде што ќе се одржи предавање на тема „Природна и еколошка карта на Велес“.
– Културата е суштинска алатка за генерирање еколошки ангажмани, истовремено влијаејќи на други меѓусебно поврзани агенди, како што се урбаното планирање, социјалната вклученост и правото на здрава животна средина. Основната цел на проектот е да создаде услови за квалитетна размена на знаења, соработки, едукација и уметничка продукција, преку која уметниците, истражувачите, еколозите, активистите и граѓаните во Македонија ќе се ангажираат во однос на животната средина и климатските промени – велат организаторите.
Проектот е целосно финансиран од ФООМ (фондацијата „Отворено општество – Македонија“).