Фото: Маја Јаневска-Илиева

Благоја Чоревски, актер

За да биде еден актер голем, освен неоспорниот талент, потребна е и континуирана работа на себе, а повеќе од очигледно е дека Благоја Чоревски, доајенот на Драмскиот театар во Скопје, со низа остварени ролји и на телевизија и на филм, но и во независни проекти, сите овие години, со истиот жар како на почетокот, постојано се надградува. Многубројните награди и признанија добиени и дома и во регионот се доказ дека уште од самите почетоци е на вистинскиот пат во кариерата. Неговиот татко Трајко и мајка му Ратка Чоревска се меѓу основачите на Македонскиот народен театар и, заедно со кумот Петре Прличко, уште како четиригодишно дете ги „заразиле“ со глумата и него и неговиот помлад брат, актерот Борис Чоревски. Денес, иако е во пензија, популарниот Чоре неуморно чекори по својата професионална патека, постојано градејќи нови ликови.

Вие сте доказ дека актерот е актер докрај, до последниот здив, нели?
– Веројатно е така, нашата професија нема старосна граница, ако сте способни, ако можете да го запаметите текстот, ако мизансценот не ви е проблем и ако не се тресете на сцената, тогаш таа е ваша. Актерот останува актер цел живот, тој и по смртта е актер, бидејќи во секоја одиграна улога остава дел од себе. Да, во мојата професија е така, се задолжуваш, си оставаш дел од џигерчето во секој реализиран лик.
На театарската сцена дебитиравте како дете во култната претстава „Македонска крвава свадба“, во која вашиот татко го игра Осман-бег. Што беше пресудно да останете во театарот?
– Од четири години сум на сцената, а ја паметам и првата претстава што ја гледав, тоа беше „Силјан Штркот“. Уште како мали, кога ќе нѐ прашаа со брат ми, Борис Чоревски, кој го мина работниот век во Битолскиот театар, што ќе бидете кога ќе пораснете, без размислување велевме: „Ќе бидеме глумци“! Среќен сум што се заразив со таа зараза, со тој мирис на мастиксот, на таа специфична театарска прашина, на луѓето во театарот што беа постојано тука да ти помогнат. За жал, денес таа емпатија и човечност сѐ помалку ги има во театарот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Илина Чоревска, ќерката на вашиот брат Борис, е трета генерација актери во вашето семејство.
– Да, ете, таа ја продолжи семејната лоза. Мојата ќерка е новинарка, а синот информатичар, внуката Гала е повеќе по цртањето, талентирана е и има освоено и многу награди. Сѐ е резултат на жарчето што го носиш во себе. Иако сме колеги, со брат ми сме играле заедно само во една претстава во Битола, каде што отидов како гостин, и неколкупати во Младинскиот театар во Битола, кога почнуваме, но никогаш не е доцна.
Дипломиравте во Софија, на тогашен Виш институт за театарска уметност, дали бевте задоволен од она што ви го пренесоа учителите таму?
– Апсолутно, ни предаваa луѓе што учеле од Станиславски, почнувајќи од првиот учител Михаил Анастасов, Методија Андонов, па Бојан Дановски, Љубомир Кабакџиев… Во сите четири години по најважниот предмет Актерска игра имав десетка.
Имавте ли проблеми тогаш поради тоа што сте од Македонија?
– Никогаш, ниеден Бугарин не нѐ понижил, туку тоа беа наши Македонци што таму пребегале од разни причини. Среќен сум што завршив во Софија. На дипломата пишува дека сум учел бугарски јазик, зашто не го знаев, како и другите студенти од Македонија. Но учевме и други јазици, на пример, италијански. Во Софија бевме заедно со Мето Јовановски, Славица Николовска, Ванчо Петрушевски, Марин Бабиќ, Драги Велјановски. Тогаш владееше систем на реципроцитет. Колку студенти доаѓаа од Југославија, толку од Бугарија доаѓаа кај нас. Една година пред нас отидоа на студии по режија Димитар Станкоски и Ѓорѓи Стојановски. За примениот на академија ме подготвуваше Станко Стоилов, актер од Битолски театар, одбрав да рецитирам една песна од Вапцаров. Студентскиот живот ни беше прекрасен, живеевме на висока нога. Цимери ми беа Мето, Диме и Ѓорги. Двајца актери и двајца режисери, има многу анегдоти од тие наши студентски денови. Многу си помагавме.
Драмски е ваш матичен театар од првиот до последниот ден, а 16 години бевте и негов директор. Од кого учевте?
– Од Ристо Стефановски, тој беше незаменлив и во македонски и во југословенски рамки, учев од него и горд сум што на некој начин продолжив да редам успеси. И тогаш глумев, но помали улоги. А најважно за да ја извршувате таа функција како што треба е да ги сакате глумците и сите вработени во театарот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Диво месо“ на тандемот Стефановски – Унковски можеби е една од најдобрите македонски драми, но кога ја правевте никој не знаеше дека ќе биде култна. Сепак, се чувствуваше ли нешто во воздухот?
– Знаевме, се чувствуваше дека правиме нешто големо, но не знаевме како ќе реагира публиката. Еднаш, средноќ отидов на Унко да му изиграм сцената од „Диво месо“, кога Стефан, кого го играв, се качува на маса и вели: „Вие, Стефан Андрејевиќ качен на коњ…“, за да ми каже дали е тоа добро. Заѕвонив, тој ја отвора вратата, ме гледа и се чуди. Се разбуди и жена му Илина, им објаснив зошто сум дојден, влегов, ја изиграв сцената, а тие седат и молчат. Си реков: „Леле, ништо не сум направил“. Одеднаш Унко вика: „Да, тоа е тоа“. Јас го земам текстот и тргам да си одам. Ми велат: „Чекај, да се напиеш нешто“, а јас целиот возбуден одговарам: „Фала, пијан сум од среќа“. Унко тоа сега им го раскажува на студентите на Факултетот за драмски уметности.
Во такви мигови занаетот станува уметност, нели?
– Занаетот е нешто што си го научил и го применуваш, исто како кога се прави некој филигрански брош. Но ако тој филигран не предизвикува восхит кај другите, ако стои дома, бадијала се твојата уметност и умешност.
Се наоѓаме во бифето на Драмски, ова место да знае да зборува ќе раскаже многу приказни. Имате ли вие некоја своја?
– Сите доаѓаа тука, ова бифе за нас беше центар за создавање на улогите. Имаше сѐ и сешто, се расправавме со мајки, со шајки. Чичко Тодорче и мојот кумот Петре Прличко еднаш ми велат: „Што правиш ти со таа сцена?“, а јас: „Така ми рече режисерот“. „Каков режисер, ти си тој што стои на сцената. Мора да му веруваш на твоето внатрешно чувство“. Постарите не беа суетни, ги делеа тајните со нас, а ние помладите, и да не игравме во некоја претстава, седевме, гледавме и учевме.
Колку ви значеше популарноста во 1980-тите и 1990-тите, кога добивавте и награди од „Вечер“ и од „Екран“ како најпопуларно ТВ-лице?
– Ми значеше многу што ме гласаа луѓето, гледачите, имавме натпревар со познатите ТВ-лица во регионот и од светот во тоа златно време на телевизијата, па, така, јас една година добив награда заедно со Бата Живоиновиќ. И денес не ме забораваат, ме препознаваат луѓето на улица, особено во помалите градови, каде што е поинаков ритамот на живеење: Неодамна, во Неготино, ме запре еден средовечен човек на улица и ми рече: „Многу ми е драго што ве сретнав, јас растев со вашите телевизиски ликови“.
Бевте дел од неформални, независни театарски проекти, на естрадата, на филм и на ТВ и соработувате со одлична екипа актери.
– Во приватниот театар „Модро окце“ глумевме на текстови на Русомир Боградоновски, а во „Театарче лево ќоше“, „Женски оркестар“, радиоемисијата „Хихирику“ текстовите ни ги пишуваше Иван Карадак. Неговото мајсторство траеше 40 години, на крајот емисијата беше укината поради реакциите на двете наши најголеми политички партии: ВМРО и СДСМ.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вие, со Владимир Ангеловски-Дади, Ѓокица Лукаревски, Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски, Димче Мешковски, Јовица Михајловски, тука беше Емин Унџел, носевте ведрина меѓу луѓето, како тим бевте многу успешни. Но понекогаш и сами на себе си правевте разни „зврчки“ на сцената, а тоа се памети.
– Импровизацијата е плод на чувство, се случува во специјален момент, тоа не се планира. Најмногу ги имаше во комедиите „Солунски патрдии“ и „Болва во уво“, кои се играа неброено пати. На пример, не излегувам од страната од која не ме очекува колегата, па триковите што ги правевме со костурот предизвикуваа многу смеа, па менувањето текст со кажување реплика од друга претстава, а колегата те гледа оџагарено… По малку си продолжува понатаму, се враќа во ликот. Мојот професор Методи Андонов велеше: „Ако излезете од кругот на претставата, треба да знаете пак да се вратите“, ете, затоа е тешка импровизацијата.
Што претставува за вас глумата: себеистражување, предизвик, бескрајна приказна…?
– Сето тоа, но за мене, пред сѐ, глумата е начин на израз, на живеење, но само таму, на сцената, не и надвор. Така ни велеа постарите глумци: „Тука не туку ми глуми, на сцена кога ќе излезеш“. Во животот нема глума, или си тој или не си. А глумата на сцена е обичниот живот, но сублимиран на ента степен.
Кои актерски улоги ви беа најголем предизвик во кариерата?
– Ги има многу: Унер-бег („Болен Дојчин“), Дарко („Свадба“), Камиј Шандебиз („Болва во уво“), Благоја („Сили во воздухот“), Стефан во „Диво месо“, па улогата на Кирца во „Викенд на мртовци“, Батко доктор во „Тетовирање“… А меѓу последните е Вилфред Бонд во „Квартет“ на МНТ што ја добив на фестивалот на камерниот театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Интересно е и дека во „Ревизор“ играм две улоги и можеби сум единствен на Балканот што го играл и Хлестаков во Драмски во режија на Димитар Станковски, кога бев млад, а кога созреав го играв градоначалникот Дмухановски, во режија на Љубиша Георгиевски. Е, тоа за мене е вистинско богатство.
Извршувавте високи функции: заменик-министер за култура, претседател на Советот на Град Скопје. Зошто влеговте во политиката? Ако намерата ви беше да поправите нешто на подобро, успеавте ли?
– Не, и затоа и ја напуштив политиката, кога видов дека им се потребни само моите два прста, си заминав, дадов оставка и сум еден од ретките што го сториле тоа. Не сакав да одлучувам за нешто што не го познавам, а за култура и за театар никој ништо не ме праша, тоа никого не го засегаше.
Членувавте во партијата Демократска алтернатива. Има ли кај нас демократија денес?
– Нема, односно таа е вештачка, ако имаш пријатели на функција, сѐ ќе добиеш. А од вештачките творби што постојат сега, мислам на партиите, ниедна не е за Македонија, сите се само за сопствениот џеб. Ние Македонците сѐ додека не се споиме да бидеме едно, без разлика од која партиска провениенција сме, нема да одиме напред. Сега никој не е за Македонија, а политиката направи да се мрази другар со другар, цели фамилии, ако се од друга партија. Вредностите ги сведоа на нивните никакви познавања.
Се плашите ли од минливоста, од староста?
– Не, не се плашам, затоа што секој почеток има свој крај. Ние се раѓаме, живееме, постојано се бориме, создаваме семејство, правиме кариера, оставаме траги. Многу работи ни се случуваат, и понекогаш не знаеме ни дали живееме, но на крајот делата говорат за нас.
Со што сте преокупиран периодов?
– Последни ми се улогите во „Поштарот“ на Трајче Кацаров, дуодрамата „Деветка“ на Гоце Ристовски, а Марјан Ангеловски неодамна ми понуди еден интересен драмски текст, се вика „Жив мртовец“, кој говори за сегашниот миг. Накратко, на Жико, главниот лик, кого јас би требало да го играм, му стига умреница, иако е жив, и оттука настануваат разни перипетии.
Дали Благоја Чоревски по 75 години живот и 50 години успешна актерска кариера е задоволен, богат човек?
– Богат сум со моето семејство, од кое имам безрезервна поддршка, со она што сум го направил и ќе го направам во театарот, во кариерата. А она што ние актерите го создаваме, не се купува со пари.