Годинава низ голем број настани, изложби, книги и чествувања одбележавме сто години од раѓањето на Ацо Шопов . Наша заедничка обврска е зачувување на неговата оставина. Едно од делата објавени во чест на јубилејот што го величат делото на Шопов е поемата „Одгласот на тишината“ на Зоран Пејковски. Преку неговата студиозност даваме приказ на творештвото на Шопов

Ацо Шопов ги изгради темелите на една современа македонска поезија со единствена цел да ја внесе во катастарот на светот. Неговата поезија успева да ги соедини во едно исто интимно искуство личните доживувања на поетот и судбината на човештвото. Творечкиот опус на Ацо Шопов е еден од столбовите на македонската модерна поезија. Ацо Шопов беше поет, преведувач, член на МАНУ и еден од основоположниците на современата македонска поезија. Шопов ја проширува границата на македонската литература, сместувајќи ја како трајна вредност во книжевностите на европските земји.
Годинава низ голем број настани, изложби, книги и чествувања одбележивме сто години од неговото раѓање. Наша заедничка обврска е зачувување на неговата оставина.
Едно од делата објавено во чест на јубилејот што го величат делото на Шопов е поемата „Одгласот на тишината“ на Зоран Пејковски.
– Во еден духовен егзил одлучив да ги препрочитувам делата на големите македонски книжевни имиња. Меѓу нив беа и книжевните дела на еден од најголемите и најзначајните лиричари во македонската поезија, нашиот Ацо Шопов. И воден токму од поезијата на Ацо Шопов, инспиративно произлезе мојата поема „Одгласот на тишината“, онака непланирана. Притоа, како што знаете и вие, во периодот на јубилејната година, 100-годишнината од неговото раѓање, јас ја добив и престижната награда „Ацо Шопов“, односно највисокото поетско признание што го доделува Друштвото на писателите на Македонија, и кога сè си дојде на свое место, односно јубилејот од 100-годишнината од неговото раѓање и добивањето на наградата „Ацо Шопов“, одлучив со оваа моја поема да му оддадам почит на ликот и делото на Ацо Шопов, како годинашен добитник токму на наградата „Ацо Шопов“ – ни сподели Пејковски.
Поемата „Одгласот на тишината“ посветена на Ацо Шопов ја составуваат дваесет и четири подолги и пократки пеења, од кои како жива подземна вода дотекуваат симболи и метафори што тивко и таинствено жуборат со возвишена рима и внатрешна мелодичност, сигурно и мајсторски создавајќи го човечкиот и поетски профил на Шопов…. Тој е стожерен субјект, кој е во основата на сижето, со преовладување на епски, лирски и драмски елементи. Повишениот тон на раскажување, на епското раскажување е збогатен со искуството на авторот како поет, романсиер, драмски автор и публицист што ги облагородува и заокружува целината и убавината на поемата, пишува Васил Тоциновски во рецензијата.

„Слеј се со тишината“

Пејковски ни открива каков одглас дава тишината и каков белег е тишината за творештвото на Шошов.
– Сега мора да се вратиме пред 68 години, односно во далечната 1955 година, кога Ацо Шопов ја објавува збирката песни „Слеј се со тишината“, што можеби и кај мене оваа негова збирка песни предизвика едни синтетизирани моменти, имајќи предвид дека по појавата на „Слеј се со тишината“ во македонската литература се појави полемика меѓу модернистите и реалистите. Но за нив во друга пригода…. Така што насловот на поемата „Одгласот на тишината“ си дојде сам од себе, притоа знаејќи дека во еден разговор на Ацо Шопов со Алдо Климан во 1976 година, и самиот Шопов ќе каже дека: … „Слеј се со тишината“ е книга што се роди како резултат на моето поетско сознание дека тишината може многу погласно да изговори некои вистини и од најгласните зборои и кажувања“…. Ете што претставувала тишината за Ацо Шопов – подвлекува Зоран.
Пејковски дополнува дека кога сето тоа ќе се поткрепи со размислите на Димитар Митрев уште во 1956 година за поезијата на Шопов, кое е „поезија на трајни вредности“, „лирска згуснатост и синтезираност“, „јасност на метафорика“ итн., или пак кај книжевните размисли на Георги Сталев, кој меѓу другото ќе забележи дека: …„Доминантната поетска идеја се открива уште во насловот на книгата во поимот тишина, среде која и се доверува исповедта, среде која се медитира, се доживуваат неизбежните ‘меки и нежни штимунзи’, но ќе се покаже понатаму во збиркава дека ‘слевањето со тишината’ не претпоставува и не претпочита глувост, немост на душата, на сетилата, туку – напротив – честа плима и осека на возбудата“ итн., веднаш станува јасно за каков поет се работи.

Поезија која утешува, која возвишува и вознесува

За поетската моќ на Ацо Шопов пишува и македонскиот литературен теоретичар и критичар Георги Старделов.
– Требаше да се урне класицистичката традиција во поетиката, требаше да се доживее сломот на секоја и секаква догматска рефлексивност, требаше, всушност, да се осети нашето сопствено време, кое поправо, сето ова го насети на својата сопствена кожа, „однатре“, па да се сфатеше, еднаш веќе дефинитивно, дека поезијата не живее од шеми, од некој систем на регламентации, од некоја и некаква, па макар каква -годе била, хиерархија среде нив. Кога сево ова еднаш го сфатиме, или кога сево ова допрва ќе се сфати, ни станаа или ќе ни станат одеднаш, толку беспредметни и исцело неодржливи, сите фактички судови во вреднувањето на поезијата од родот на оние, во случајов од поезијата на Ацо Шопов, најмаркантни: интимна, исповедна, емоционална, рефлексивна или итн. Лирика со која и низ која дел од нашата литературна свест ја вреднуваше и осмислуваше уметноста на зборот – напиша своевремено Старделов.
Според Пејковски, меѓу оние што најстудиозно и најдобро пишувале досега за Ацо Шопов е една од најзначајните научници, академик Катица Ќулавкова, која во нејзините големи интерпретативни студии со нејзината филозофија на поезијата и нејзината трансцендетна толкувачка стратегија ги сублимира на едно место сите книжевни појави на Ацо Шопов.
– Варијантите на трансцендентноста што би му прилегале на Шопов и на неговата поезија би биле – обредна или ритуална поезија, поезија со висока доза на перформативност или изведбен капацитет, поезија со моќ да делува врз свеста на читателот, поезија која утешува, која возвишува и вознесува. Таква е поезијата на Ацо Шопов, со магиска моќ, ако под магија подразбереме способност да се придвижат нештата во свеста и во душата на човекот, ако под магија го подразбереме оној чин кога преку Збор, и со силата на виспрено насочената Мисла, може да се подотвори свеста, да се отклучи катанецот на индивидуалните и колективните заблуди и неверувања. Таква е поезијата на Ацо Шопов, магиски делотворна, ако под магија го подразбереме она што го разбирале древните цивилизации (кои имале високо развиена духовност!) – онаа бела, сјајна, онаа духовно прочистена и прочистувачка моќ на јазикот да очовечува и да облагородува. Таква е поезијата на Ацо Шопов, има психагошка моќ да ја води душата од незнаење кон знаење, има моќ да ни го праќа ’добриот ангел’ на мигновеното откровение (да се потсетиме на Карл Г. Јунг), она кое ни доаѓа во состојби на медитација, на душевна опуштеност и на духовна луцидност, она кое ни го трга превезот на мрак пред очите и ни го прави светот поподнослив во неговата неподносливост – се зборови на Ќулавкова.
Притоа таа и ќе додаде дека: …„Поезијата на Ацо Шопов се одликува со интуитивна свест (насетување) дека јазикот не е само јазик, дека јазикот е чин во којшто се збиднува нешто отаде јазикот (транслингвистичко, нешто кое го трансцендира чисто јазичниот чин), дека во поезијата се сретнуваат тие две лица на јазикот, семиотичкото, драматичното и метафизичкото, информативното и евокативното, естетското и трансестетското, лудистичкото и катарзичното, спознајното и ритуалното.
– Така што веднаш може да се заклучи дека преку научните студии на академик Катица Ќулавкова, поезијата на Ацо Шопов е поразбирлива и поприфатлива за сите оние што се занимаваат со литературата или ја сакаат поезијата на Ацо Шопов – подвлекува Пејковски.


Во тишина

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.

(Ацо Шопов, „Слеј се со тишината“, 1955)