Промовиран романот „Градина од стакло“
Романот „Градина од стакло“ од романската писателка Татјана Цибуљак е еден од насловите во новата едиција „Порта Европа“ на издавачката куќа „Арс ламина“. Книгата, која е добитник на наградата на Европската Унија во 2019 година, е восхитувачки раскажана приказна, стилско ремек-дело. Ова е роман за животот на „малите“ луѓе во заднината на големите историско-политички промени со распадот на СССР, за идентитетот, за различноста, за борбата на една цела женска генерација да пронајде свое пристојно место во суровиот свет. Во фокусот е едно девојче сираче, Ласточка, посвоено од Русинката Тамара Павловна, во времето на советскиот Кишинев. Случувањата се сместени во седумдесеттите години на минатиот век, кои му претходеа на распадот на Советскиот Сојуз и добивањето на независноста на Република Молдавија.
– Книгата ја опфаќа историјата на малата Ласточка, нејзиниот развој од детството кон адолесценцијата, па до зрели години. Раскажана е ретроспективно од гледна точка на жена што и самата има свое дете и живее во Букурешт. Многупати бев прашана дали суштината е само во оваа приказна. Се разбира дека не. Оваа приказна може да биде и паралела, односно метафора за Република Молдавија, која секогаш била на крстопат, секогаш дел од една напуштена географија, анексирана, окупирана, за потоа да си ја добие независноста. Од друга страна, тоа е и приказна за едно сираче што конечно е вдомено во семејство што го експлоатира, но и му помага да стане човек, и сето тоа се одвива во историски период за кој малку се зборуваше во литературата, од зоната од која доаѓам.
Искрен одговор би бил дека станува збор и за двете приказни, значи книгата може да биде читана и во клучот на создавањето на Република Молдавија (избавувањето од туторството на Советскиот Сојуз). Правам паралела помеѓу созревањето на личноста и создавањето една независна држава – изјави Цибуљак.
„Градина од стакло“ е нејзина трета книга, по збирката раскази „Модерни бајки“ (2014) и наградуваниот роман „Летото кога мајка ми имаше зелени очи“ (2017). На промоцијата таа нагласи дека „Градина од стакло“, исто како и нејзиниот претходен роман, е напишан во кратки поглавја, како резултат на потребата да се прави пауза меѓу приказните.
Татјана Цибуљак е родена во 1978 година во Кишинев, Република Молдавија, а по националност е Молдавка и Романка. Пишува на романски јазик. Студира на Факултетот за новинарство и комуникации при Државниот молдавски универзитет. Првпат го привлекува вниманието на јавноста во 1995 година, како авторка на колумната „Вистински приказни“ во дневниот весник „Флукс“. Во 1999 година му се приклучува на тимот во телевизиската куќа ПРО ТВ Кишинев како репортерка, уредничка и ТВ-водителка, а исто така работи и за УНИЦЕФ во Молдавија. Од 2008 година живее во Париз, од каде што се вклучи во онлајн промоцијата. С.Ј.