Сакав да ги изразам мојата благодарност кон Земјата и почитта кон мајката од која доаѓа сѐ и повторно сѐ кон неа се враќа. Таа е симбол на физичка сензација, раст и манифестација на материјата. Учам да ги слушам земјените енергии и оставам да ме водат
Истражувајќи какво влијание има бојата во просторот, прилепската уметница Бојана Артиновска Трпческа дојде до древната кинеска практика фенг шуи, според која, секој од основните елементи има особено влијание и моќ да го лекува протокот на енергијата во просторот, во зависност од страната на светот на која е поставен. Така го создаде циклусот слики „Земја“, кој е пред очите на прилепската јавност, со кој ја оживува земјата.
– Верувам дека уметноста може да лекува. Не само авторот што создава низ процесот туку и самото дело влијае во просторот, вибрирајќи со одредена фреквенција, дејствува врз физичкото, менталното и емоционалното тело на човекот. Освестувајќи ги сензациите од околината, стануваме присутни во сегашниот миг, свесни и одговорни за себе и за животната средина – посочува уметницата.
Според Бојана А. Трпческа, земјата е елемент најблизок до нејзиниот сензибилитет и природа, па затоа одбрала циклусот слики да ѝ го посвети нејзе.
– Сакав да ги изразам мојата благодарност и почитта кон мајката од која доаѓа сѐ и повторно сѐ кон неа се враќа. Таа е симбол на физичка сензација и раст и манифестација на материјата. Учам да ги слушам земјените енергии и оставам да ме водат. Открив нови тоналитети, форми и бои што резонираат со чувството што се раѓа во мене додека сум во контемплација со овој елемент, сите нијанси на кафеава, окер, зелена и црна. Преовладува густа, топла атмосфера, со цврсто структурирана композиција. Зародок на бујноста е мојата зелена тема инспирирана од нијансите на земјината вегетација, преку кои земјата раѓа, дише и нѐ храни. Ја нареков изобилство бидејќи од неа извира целиот живот… Под зеленилото има почва, камења, песок. Материја низ која се пробива животот, материја што има паметење. Таа е плодна, приземјува, силна e и постојано се трансформира – потенцира Бојана.
Според неа, сѐ е игра на петте елементи.
– Елементите во нас се едно со елементите надвор од нас. Земјата ни е заедничка. Таа е жива. Во себе ја носиме оваа прекрасна и дарежлива планета. Со таква свест поинаку ќе чекориме, поинаку ќе се грижиме и целосно ќе се вљубиме во неа. Ја оставав раката сама да го пронајде гестот додека ја барав структурата на земјата низ атомите на мојата градба. Ги чувствувам бујноста, стабилноста, рамнотежата. Храбро понирам во темнината, во длабочината на Земјината утроба каде што животот го пронаоѓа својот пат. Не размислувам, само се опуштам, го следам својот инстинкт, својата интуиција. Оставам убавината да ме допре, да помине низ мене. Јас престанувам да постојам. Заборавам која сум, каква сум, што имам, што немам. Полека станувам свесна за совршеноста на своето постоење. Да се биде во слава на природата – тоа е целосно духовно искуство! – истакнува прилепската уметница, потенцирајќи дека нејзините слики не се креација, туку се продолжение на животот, бидејќи низ неа повторно се раѓаат земјата, огнот, водата, воздухот.