Резултати од Конкурсот за краток расказ на „Нова Македониjа“

Шест жени се автори на најдобрите кратки раскази за 2022 година, според резултатите од годинашниот анонимен Конкурс за краток расказ на „Нова Македониjа“, објавени во понеделникот. Најдобрите за ова издание, по разгледувањето и препрочитувањето на пристигнатите над 250 ракописи, ги избраа членовите на комисијата, во состав: Александар Прокопиев, селектор, и Весна Дамчевска, уредничка на редакцијата за култура и претставничка на „Нова Македонија“. Во изминативе денови во нашата редакција се јавија добитниците на наградите, чии ракописи беа пријавени под шифра.
Авторка на првонаградениот расказ „Кажи му на кучето“ е Симона Јовановска, втората награда ја добива Ивана Смилевска за „Герника“, а третата – Моника Стојановска за расказот „Розов еж“. Откупните награди ги добија: Бјанка Станковиќ за „Морска“, Силвана Димитриевска за „Вода“ и Емилија Тодорова за „Големиот чекор“.
– На Конкурсот за краток расказ на „Нова Македониjа“, кој е најдобриот, најстар и најмногуброен според пријавени ракописи на конкурси за кратка проза кај нас, интересно е што оваа година сите шест награди ги добија авторки, како и тоа дека, како што се покажа, повеќето од нив се новинарки и повеќето завршиле компаративна книжевност. Сето тоа се гледа и во ракописите, кои се напишани стилски многу јасно и точно. Секако дека постојат нијанси што ги определија наградените, но сите шест приказни во себе носат една свест за краткиот прозен израз и посебен шарм во пишувањето. Сите се интересно напишани, со складност и целовитост и со изразита форма за тоа што значи краток расказ, наспроти тоа што е, на пример, фрагмент од подолга проза или анегдота – вели членот на комисијата Александар Прокопиев.
Според жирито, првонаградената авторка Симона Јовановска на блескав и изненадувачки начин го конципира својот расказ со наслов „Кажи му на кучето“.
– Уште од почетокот постои една напнатост, меѓутоа последниот акорд е многу изненадувачки, смел и вешто напишан, и овој расказ заслужено ја доби првата награда. Втората награда ја добива Ивана Смилевска за „Герника“, многу современ расказ, во кој приказната, иако е ововремена, е полна со препознатливост на амбиентот, на ликовите, и е многу шармантно напишана. Третата награда ја добива „Розов еж“ на Моника Стојановска, еден многу интересно напишан животопис на еден женски лик од најраното детство до возрасни години, но раскажан со духовитост, а не патетично. Всушност, сите три раскази ја имаат таа духовитост, и покрај понекогаш мрачната тема – вели Прокопиев.
Што се однесува до откупните награди, ни овие раскази не заостануваат по својот квалитет од оние што ги добија главните награди.

– Расказот „Вода“ на Силвана Димитриевска поаѓа од една случка во која водата игра некаква улога, нема сега да откријам каква, но раскажана со осет за структурата на расказот. Ракописот „Морска“ на Бјанка Станковиќ сведочи за умешно владеење на формата, особено во оној пресврт на крајот што влегува во сферата на фантастиката и одлично се вклопува во приказната за „рибната маст“. „Големиот чекор“ на Емилија Тодорова е вешто напишана кратка проза, во која се раскажува една семејна историја, но не во онаа вообичаена патетична смисла. Станува збор за однос меѓу брат и сестра и за осознавањето на светот во кој живеат, преку настан што го гледаат на црно-бел телевизор – освојувањето на Месечината – се вели во образложението на жирито.
Според Весна Дамчевска, членка на комисијата, важно е да се напомене дека додека се читале и разгледувале расказите во ниеден момент не можело да се претпостави или да се насети за каков профил на автор станува збор.
– Ние како жири, нормално, секогаш сме заинтересирани за тоа кој стои зад избраните ракописи, затоа што конкурсот е анонимен и тоа му дава посебна вредност, но истовремено и го скокотка нашето љубопитство. Вообичаено меѓусебно погодуваме дали избраните ракописи се напишани од помлад или повозрасен автор, од искусен пишувач или почетник, дали станува збор за машки или женски ракопис… Овој пат, морам да признаам, не успеваме да погодиме, веројатно затоа што сите избрани раскази се напишани од автори што суверено го владеат прозното писмо – вели Дамчевска.
По врачувањето на наградите, кое ќе се случи во наредниот период, Редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објави избраните раскази во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда.


Главни награди

Прва награда: Симона Јовановска за „Кажи му на кучето“
Втора награда: Ивана Смилевска за „Герника“
Третата награда: Моника Стојановска за „Розов еж“

Откупни награди

Бјанка Станковиќ за „Морска“
Силвана Димитриевска за „Вода“
Емилија Тодорова за „Големиот чекор“